Xiaomi официјално ја претстави нивната најнова серија на телефони, Xiaomi 17 серијата. Дека од компанијата планираа да ја прескокнат бројката 16 беше најавено минатата недела, кога беше прикажан и дел од изгледот на Pro моделите, а веднаш оваа серија се поврза со iPhone 17 серијата.
Новата серија доаѓа со три модели, Xiaomi 17, Xiaomi 17 Pro и Xiaomi 17 Pro Max. Задната страна на прв поглед потсетува на новото „плато“ за камерите од iPhone 17 Pro, а тука се и доста сличности кај корисничкиот интерфејс на софтверот.
Сепак, тука завршуваат сличностите, па Xiaomi во нивниот препознатлив стил одат пет чекори понапред.
Две карактеристики на новата серија го прикажуваат овој стил, а тоа е вклучувањето на мал екран врз модулот за задните камери кај Pro моделите, како и користењето на силициумската технологија за батериите со што тие имаат огромен капацитет.
Кинеските производители веќе втора генерација од нивните уреди ги прават со оваа нова технологија, Xiaomi истата ја нарекува Xiaomi Surge Battery, а новата серија доаѓа со капацитет на батериите од 7000, 6300 и 7500 mAh соодветно.
Samsung и Apple сѐ уште не се решаваат да почнат да ја користат оваа технологија, а не можам да најдам информации зошто, па нивните телефони доаѓаат до максимум околу 5000 mAh, а разликата како што може да се види воопшто не е мала.

Втората главна карактеристика која е уникатна за Xiaomi 17 Pro и Xiaomi 17 Pro Max е малиот екран на задната страна, врз модулот од камерите. Ова е нешто што обично го гледаме кај „флип“ телефони, па сега еве го и кај класичен телефон.
Корисниците на овој екран ќе можат да бираат од повеќе дизајни на часовникот, да ги гледаат известувањата од апликациите, да сликаат со задните камери, а тука се и поинтересни функции како можноста за виртуелни миленици, белешки, слики од ВИ и слично.
Сите три модели работат на најновиот чип од Qualcomm, односно Snapdragon 8 Elite Gen 5, што значи дека Xiaomi 17 серијата ќе биде една од помоќните на пазарот, можеби и помоќна и од iPhone.

Големината на екраните кај овие телефони е 6,3 инчи кај Xiaomi 17 и Xiaomi 17 Pro моделите, односно 6,9 инчи кај Xiaomi Pro Max.
Од компанијата посебно ја истакнуваат нивната технологија која ја користат кај екраните од телефоните, како и намалени рамки околу. Истите овозможуваат до 3500 нити максимална светлина, а првите тестови покажуваат дека не доаѓа до брзо намалување поради загревање на чипот.
Официјалната објава од Xiaomi со дополнителна детали за новите телефони е достапна тука, а во продолжение можете да ја погледнете одличната првична рецензија од „Mrwhostheboss“.