Објавата на X од страна на WhatsApp денеска, која се сметаше како најава за iPad верзија од апликацијата, навистина беше тоа. Од компанијата ја претставија својата прва iPad верзија од нивната апликација, нешто што досега не беше достапно ни преку можноста за додавање на мобилната верзија од апликацијата.
Тоа значи дека корисниците на iPad конечно ќе можат да го користат својот уред за нивните WhatsApp разговори, нешто што во голем дел од светот е доста популарно, односно оваа апликација е популарна како кај нас Viber.
WhatsApp на iPad е иста како и на мобилните, односно доаѓа со истиот дизајн и со сите функции, а секако, прилагодена за поголемиот екран кој го имаат овие уреди.
Регистрацијата се прави исто како и на десктоп, односно се прикажува QR код кој се скенира со мобилната апликација, по што тој уред се додава и се синхронизираат сите разговори.
Како и на било кој уред, разговорите преку WhatsApp на iPad се заштитени со од-крај-до-крај шифрирање, па никој освен страните на разговорот, не може да пристапи до пораките.
Од Meta останува уште конечно да ја пуштат Instagram верзијата за iPad, нешто што верувам е уште повеќе барано од страна на корисниците од WhatsApp.