Во текот на вчерашниот ден, Canonical официјално ја пушти најновата верзија од нивниот познат оперативен систем Ubuntu. Ова е втората стандардна годишна надградба, па на ред е Ubuntu 25.10.
Како и секоја верзија, така и оваа доаѓа со кодно име, а тоа сега е „Questing Quokka“. Quokka е мал торбар од Австралија, додека додатокот на името Questing се однесува на барањата или авантурата на програмерите на Ubuntu во донесувањето на нови технологии.
Ubuntu 25.10 е стандардна надградба, односно не се работи за во исто време и LTS надградба, што значи дека се препорачува да се инсталира од страна на корисниците кои го сакаат најновото, но не зависат од стабилноста и сигурноста на иста верзија.
Една од главните новини кај Ubuntu 25.10 е донесувањето на најновата, GNOME 49 верзија од десктоп околината, заедно со сите новини кои доаѓаат со истата. Дел од тие новини вклучуваат додавање на контроли за пуштените видеа на заклучениот екран, како и контроли поврзани со вклучувањето и исклучувањето на компјутерот.
Оваа верзија донесува и нова стандардна апликација за гледање на слики, наречена Loupe, како и нова верзија од терминал апликацијата, Ptyxis.
Како и секоја верзија, така и оваа донесува нови верзии од апликациите и програмските околини за програмерите, а тука се и новите верзии од sudo и coreutils кои се направени на основа на Rust. Овие верзии донесуваат подобрена безбедност за корисниците.
Ubuntu 25.10 донесува и можност за целосна енкрипција на дискот со користење на TPM чипот, а тука е и новата верзија од Linux kernel, верзијата 6.17.
Целосната листа и детали поврзани со Ubuntu 25.10 е достапна тука, како и на видеото во продолжение.