Како што е веќе одамна познато, Windows 10 официјално останува без поддршка од 14 октомври оваа година. Поради огромниот број на корисници кои сѐ уште го користат системот Microsoft сепак овозможи можност за дополнителна година на поддршка, а истото може да се добие и бесплатно.
За корисникот на Windows 10 компјутери, Лоренс Клајн, ова не е доволно и тој смета дека Microsoft треба да овозможи поддршка за системот се додека него го користат доволно голема бројка на луѓе.
Клајн ова го бара преку тужба поднесена против Microsoft преку која го бара продолжувањето на поддршката и истата да биде овозможена бесплатно.
Во тужбата се истакнува дека повеќе од 240 милиони компјутери не се компатибилни со Windows 11, а бројката на корисници кои ги има Windows 10 е околу 700 милиони.
Ова дефинитивно е преголема бројка и логиката зад тужбата дефинитивно можеме да ја разбереме. Во истата се додава дека одлуката за крајот на поддршката е донесена во време кога поголем број на корисници користеле Windows 10 од Windows 11.
Според Клајн, целта на Microsoft е да ги натера корисниците да купат нови компјутери, а со тоа да станат корисници на Copilot, додека крајната цел е да се добие доста голем пазарен удел во областа на вештачката интелигенција.
Мислам дека мали се шансите Microsoft да ја продолжи поддршката за Windows 10 повеќе од следната година, а корисниците дефинитивно треба да размислат за инсталирање на Linux или ако веќе купат нов компјутер, истиот да биде MacBook, наместо некој од Windows.