Фото: Shutterstock.com

Според неофицијална информација од The Information, ByteDance ќе претстави нова и посебна верзија од својата TikTok апликација која ќе им биде достапна само на корисниците во САД. 

Ова оди во правец на конечно решавање на проблемот кој го има апликацијата со американските власти, а како што е познато, TikTok веќе требаше да биде забранета во земјата. Трамп неколку пати досега ја одложува забраната, а последното одложување „ја спасува“ апликацијата до 17 септември. 

Новата апликацијата наводно ќе биде претставена на 5 септември и ќе ја замени сегашната, односно таа која им е достапна на корисниците во остатокот од светот. Корисниците ќе треба да ја инсталираат оваа нова апликација, а претходната ќе функционира до март 2026 година, иако тоа може да се промени. 

Претставувањето на посебна апликација ги зголемува верувањата дека е најдено решение за продажба, а оваа нова апликација би требало да биде таа која би била продадена на американски компании. Според информациите, Oracle заедно со други компании би требало да ја купат TikTok за американските корисници, а оваа компанија веќе се споменуваше изминатиот период. 

Причината поради која TikTok има проблем во САД е позната, а кратко кажано се работи за пристапот којшто лесно можат да го имаат кинеските власти до податоците на 170 милиони корисници на апликацијата. Поради тоа беше донесен закон кој бара продажба на апликацијата, а доколку тоа не се случи истата ќе биде забранета во САД. 

Останува да се види дали овој наводно постигнат договор ќе биде одобрен и од кинеските власти, нешто што е потребно за да се реализира.  

ИЗВОРApple Insider
ИЗВОР 2MacRumors
Претходна статијаМакедонскиот КИЦ во Загреб ја одржа изложбата „The Vlatko Stefanovski Experience“
Следна статијаiPhone 17 Pro Max се очекува да добие батерија со најголем капацитет досега кај iPhone