Околу една година по објавата на „лоши вести“ за фановите на одличниот Arc Browser, односно најавата за развој на нов прелистувач, The Browser Company го пушти за сите корисници нивниот Dia Browser.
Иако на почеток се најавуваше дека развојот на Arc нема да застане, сепак искуството покажа дека сите ресурси се насочени кон Dia. Ова стана и официјално потврдено минатиот месец кога The Browser Company беше купена од страна на Atlassian, а се најавува и донесување на дел од функциите од Arc во Dia.
Dia прелистувачот е прелистувач целосно развиен со функции со вештачка интелигенција. Како и првиот прелистувач од компанијата, тој е направен на основа на отворениот Chromium код, а за почеток е достапен само на macOS.
„Агентските“ функции кои ќе станат едни од главните кај повеќето прелистувачи, кај Dia се интересно наречени „Skills“, па корисниците ќе имаат можност да извршуваат повеќе работи во разни области.
За разлика од другите досега достапни ВИ агенти, делот со „способности“ на Dia е доста подобро смислен. Од компанијата нудат повеќе активности кои агентите ќе можат да ги прават, а тие ќе вклучуваат можност за лесна проверка на факти, анализа на бои, барање што да се гледа од филмови и уште многу други поделени по категории за планирање, учење, програмирање, истражување и слично.
Можноста за разговор со Dia е секогаш достапна со еден клик на десната страна од прелистувачот, по што се отвора цела лента преку која ќе може да се прашуваат различни работи за моментално отворената страна.
Посебно корисна е можноста да се побара споредба на повеќе отворени страни, па на пример, ќе може да се побара споредба на отворените Airbnb страни со различни места за сместување.
Сите примери за што се може да се направи со Dia Browser можете да ги погледнете тука, од каде што може и да се симне апликацијата, доколку имате Mac.