Spotify конечно ја добива можноста за слушање на музиката во повисок квалитет, кој не е компресиран и поради тоа донесува повеќе детали и звучи како што е замислено при снимање.
После повеќе години на чекање и повеќе неофицијални информации, Spotify конечно ја добива можноста за вклучување на „lossless“ квалитетот при слушање.
Во случајот на овој сервис, квалитетот ќе функционира со 24-bit/44.1 kHz FLAC, покрај досега достапните формати кои се компресирани, иако овозможуваат доволно добар квалитет за повеќето корисници.
Како што е случајот и со другите сервиси кои овозможуваат „lossless“ квалитет, за да може да се слуша музиката со тој квалитет потребно е поврзување со слушалки со кабел. Тоа значи дека преку Bluetooth овој квалитет не може да биде постигнат, а не сум сигурен дали се точни верувањата дека сепак музиката е подобра во споредба со стандардниот квалитет.
Од најавата може да се види дека „lossless“ квалитетот на музиката станува дел од Premium претплатата, што значи дека од компанијата не се одлучија да наплатат повеќе, како што се очекуваше и шпекулираше.
Дека музиката се слуша во овој квалитет ќе може да се види и преку ознаката на „плеерот“, а ќе функционира и кога музиката се слуша преку поврзани уреди, нешто што е позната можност на сервисот.
Изборот на „lossless“ квалитетот ќе може да се направи како и досега, преку Settings & Privacy > Media Quality, па изборот само е додаден на веќе достапните. Како и досега, ќе може да се избере посебен квалитет зависно од интернет конекцијата, односно посебно кога се слуша преку Wi-Fi, посебно кога е преку мобилната мрежа.
За почеток оваа новина им е достапна на доста ограничен број на земји, а од октомври се најавува достапност во повеќе од 50 земји, што значи дека за нашата земја изгледа ќе мора да се почека нешто повеќе.