Скоро две години по претставувањето на едни од најдобрите слушалки на пазарот, WH-1000XM5, Sony оваа недела ја претстави наредната генерација, WH-1000XM6. Од тоа што може да се види од најавата, како и првичните тестови, Sony останува на врвот во категоријата на слушалки за врз ушите со активно поништување на бучавата.
Sony WH-1000XM6 доаѓаат со промени и подобрувања кај сите карактеристики, но од компанијата посебно ја истакнуваат главната, а тоа е активното поништување на бучавата. Според нив, овие слушалки ја имаат најдобрата ваква функција на пазарот, а ако се земе претходната генерација како пример, ова не е толку тешко да се верува.
Кај овој модел задолжен за „ANC“ е новиот процесор QN3 за кого Sony тврдат дека е седум пати побрз од процесорот кој се користеше кај претходната генерација.
На ова треба да се додадат и поголемиот број на микрофони, односно 12, кои ги следат звуците од околината за да проценат кога и колку треба да го активираат активното поништување на бучавата. Претходната генерација доаѓа со седум микрофони.

WH-1000XM6 доаѓаат и со малку изменет дизајн, како и зголемување на рамката, нешто што до некаде беше критикувано кај претходниот модел. Од тоа што можев да видам кај тестовите, оваа генерација овозможува целосна удобност и без проблем носење во текот на целиот ден.
Покрај активното поништување на бучавата, секако најважната карактеристика е и квалитетот на звукот кој го овозможуваат слушалките. Од Sony посебно истакнуваат дека овој дел е развиван во соработка со светски познати инженери од три топ студија за снимање.
Повторно, од тоа што беше достапно кај првичните тестирања, Sony има направено голем напредок со целосно нов систем кој донесува подобрување на квалитетот на звукот.
Преку достапната апликација за прилагодување, корисниците имаат можност да изберат повеќе режими на слушање, а посебно се истакнува подобрувањето кај режимот кој го пропушта звукот од околината.
Тука е и режимот кој овозможува 360 степени звук, како и нов режим кој овозможува слушање на музика како истата да се наоѓа од звучници зад корисникот.
Повеќе за новите слушалки од неговото директно тестирање има да каже познатиот Маркез Браунли во неговото видео во продолжение.