Фото: Qualcomm

Qualcomm го претстави нивниот најнов чип кој се користи кај телефоните од највисоката класа, а како што најавија минатата недела, оваа генерација донесува и мала промена кај името. 

Наместо Snapdragon 8 Elite Gen 2, Qualcomm во рамките на Snapdragon Summit 2025 оваа недела го претстави Snapdragon 8 Elite Gen 5. Нема потреба многу да се навлегува во логиката зад оваа одлука, па доволно е да се знае дека „забуната“ повеќе дојде со претходната генерација која доколку го продолжеше стандардното означување, корисниците немаше да се чудат зошто сега ја имаме генерацијата 5. 

Snapdragon 8 Gen 5 е трет чип од компанијата со кој се доби доста големо подобрување на перформансите и ги донесе Qualcomm на ниво со Apple и нивните чипови. Конкуренцијата стана доста поинтересна, а ова во главно е резултат на користењето на Qualcomm Oryon процесорските јадра развиени врз основа на технологијата од компанијата Nuvia која беше купена од страна на Qualcomm. 

Очекувано, една од главните придобивки кои ги донесува Snapdragon 8 Elite Gen 5 е во неговата способност за работа со вештачката интелигенција, а во оваа генерација посебно се истакнува способноста за работа со ВИ агентите. 

Тоа во основа значи поголема моќ за уредите кои работат на Snapdragon 8 Elite Gen 5 да можат да ги процесираат барањата до вештачката интелигенција локално, без потреба од надворешни сервери. 

Процесорот кој е задолжен за ВИ донесува 37% подобрување во споредба со ланската верзија, па може да се заклучи дека Qualcomm дефинитивно посветиле посебно внимание на овој дел. 

Фото: Qualcomm

Што се однесува до процесорот, Snapdragon 8 Elite Gen 5 доаѓа со третата генерација од Qualcomm Oryon, а тоа донесува подобрување на перформансите од 20% заедно со подобрување на штедливоста за 35%. Главното јадро кај чипот работи на фреквенција до 4,6Ghz, па јасно станува дека мобилните веќе стануваат сериозни „машини“. 

Графичкиот процесор исто така донесува напредок од минатата година, па Adreno јадрата доаѓаат со 23% подобрување на перформансите, а намалувањето на потрошувачката е 20%. 

Од компанијата истакнуваат дека комбинацијата на овие нови процесори донесува генерална заштеда на енергија од 16%. 

За разлика од нешто послабите чипови, како и тие од некој од конкурентите, овој чип може да се очекува кај доста голема листа на производители, меѓу кои секако и Samsung и нивната Galaxy S26 серија.

Сите детали поврзани со Snapdragon 8 Elite Gen 5 се достапни тука.

ИЗВОРQualcomm
Претходна статијаАнализата на пазарот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во 2024 во фокусот на третиот јавен состанок на АВМУ
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.