Фото: Perplexity

Колку е навистина потребно, но ете, пазарот добива уште еден интернет прелистувач, а во ова време на вештачка интелигенција, јасно е дека сега ќе почнеме да гледаме прелистувачи направени од компаниите кои работат во оваа област. 

Comet е интернет прелистувач кој е развиен од страна на познатата Perplexity AI компанија, а тие го најавија претставувањето уште во март оваа година. Прелистувачот сега е официјално достапен, но за почеток ќе можат да го користат само претплатниците на новата Perplexity Max претплата. 

Како што би се очекувало, Comet е интернет прелистувач кој доаѓа со длабока интеграција на вештачката интелигенција. Тоа значи дека стандардниот пребарувач е наместен на Perplexity, достапен е и „асистент“ во форма на лента од десната страна, а вештачката интелигенција има пристап и до историјата на „сурфање“ со цел да овозможи уште повеќе функции. 

Comet е направен на основа на отворениот Chromium код, што значи корисниците можат лесно да се префрлат и да ја очекуваат истата компатибилност како на Google Chrome, а тука се и истите екстензии. 

Замислата зад Comet е да се промени начинот на којшто ги користиме интернет прелистувачите во денешно време со отворени огромен број на „табови“. Comet е тука да ги заврши задачите за корисниците, без потреба тие да ги отвораат повеќето страни, односно прелистувачот може да прави резервации, да сумира имејл пораки, да сумира веб страни, да наоѓа слични страни за одредени производи, да креира состаноци, да испраќа пораки и повеќе. 

Достапноста на вакви функции го отвора и прашањето за приватноста, нешто што сигурно ќе биде уште позагрозено во годините што следат. За користење на повеќе функции и автоматизација, корисниците ќе мора да му веруваат на прелистувачот со поголем пристап до нивните информации, па ќе видиме што ќе произлезе од тоа. 

ИЗВОРPerplexity
Претходна статијаxAI го претстави Grok 4 за кого Елон Маск тврди дека е најпаметниот јазичен модел на пазарот
Следна статијаOpenAI планира да претстави сопствен интернет прелистувач
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.