OpenAI во текот на вчерашниот ден го претстави нивниот нареден голем јазичен модел наречен GPT-5. Овој нов модел ги обединува сите досега достапни различни модели, односно, за разлика од нив, GPT-5 се прилагодува на прашањата и ги користи потребните ресурси и ниво на „размислување“ кои е потребно во моментот.
Ова значи дека OpenAI веќе нема да има различни модели кои се користат за „размислување“ или за обични одговори, па сите овие способности се интегрирани во GPT-5.
Оваа новина ќе треба да ја намали и забуната која можно е да постоела кај доста корисници досега, поради фактот што реално не беше до крај јасно кој модел за што служи, посебно кога ќе се земат нивните имиња како OpenAI o4- mini, GPT-4o и слично.
Покрај оваа одлична новина, GPT-5 донесува и доста големи подобрувања во начинот на функционирање. Одговорите се добиваат многу побрзо, а тие се и подобро и повеќе прецизно направени. На крајот, од компанијата истакнуваат и дека грешките се намалени во голем дел, а ова останува еден од главниот проблеми кај вештачката интелигенција.
GPT-5 е подобар во сите области на функционирање, како што е пишувањето код, текст, математика, визуелната перцепција, а посебно се истакнува и подобрената способност за одговор на здравствени прашања.
Големите подобрувања кај овој модел можат да се видат преку начинот на којшто се добива код од едноставно барање. Пишувањето е доста побрзо, а апликацијата која се добива како резултат е направена со многу повеќе „вкус“ и внимание.
Видеото во продолжение е одлично направено за запознавање со GPT-5 и способностите на овој јазичен модел.
Официјалното претставување можете да го погледнете во продолжение.
GPT-5 ќе им биде достапен на сите корисници, вклучувајќи ги и тие кои немаат претплата, а секој пакет ги има своите стандардни ограничувања.