OpenAI пред околу две недели го претстави нивниот GPT-5 голем јазичен модел, а од тоа што го најавија за моделот, ова требаше да биде одлична вест за корисниците на ChatGPT.
Сепак, корисниците имаа негативни реакции, барем доволно голем дел од нив, а главната жалба им беше дека GPT-5 е многу формален и ги дава одговорите директно, додека GPT-4o бил многу повеќе пријателски настроен.
Поради ова, OpenAI ја додаде можноста за избор на јазичниот модел за претплатниците на ChatGPT, а со ова дојде на површина „нездравиот“ однос кој некои луѓе го имаат со вештачката интелигенција.
Од компанијата сега информираат дека работат на мала измена на GPT-5, па сега моделот треба да биде потопол и повеќе пријателски, суптилна промена која треба да го направи попријатен за разговор.
Корисниците ќе можат да забележат реченици како „Добро прашање“ или „Одличен почеток“ во одговорите, па би требало сега корисниците да се задоволни.
Од OpenAI исто така истакнуваат дека GPT-5 нема да им „ласка“ на корисниците, односно со промените нема зголемување на сервилноста на моделот, нешто што е доста важно, посебно за точноста на одговорите.