Фото: OpenAI

OpenAI претстави нова функција кај нивниот „четбот“ ChatGPT, а за почеток оваа новина ќе им биде достапна само на претплатниците на поскапата Pro претплата. Од компанијата најавуваат дека планираат да ја овозможат и за Plus претплатниците во иднина, но не беа спомнати бесплатните корисници. 

Новата функција е наречена ChatGPT Pulse и истата е замислена да го претвори „четботот“ повеќе во личен асистент кој активно ќе работи на овозможување корисни информации на корисникот без тој воопшто и да ги побара. 

ChatGPT Pulse ќе работи во позадина во текот на ноќта и врз основа на разговорите, конкретните барања, како и апликации како календарот од корисникот, наутро ќе овозможува кратки информации, совети и слично. 

Корисниците ќе можат да ги зачуваат овие информации како посебни разговори, доколку сакаат да продолжат да поставуваат прашања од нив. 

Како примери за какви информации би биле добивани од ChatGPT Pulse се добри ресторани на локацијата на која ќе патува корисникот, работи кои се корисни за подготовка за состанок, препораки за учење, препораки за подобрување на здравјето и слично. 

Во основа, се што е разговарано со ChatGPT и стои во меморијата, би било искористено да се овозможи некаква корисна информација, а корисникот може и конкретно да побара некоја тема да се смета како важна за него. 

ChatGPT Pulse функцијата е достапна само преку мобилната апликација од ChatGPT. 

ИЗВОРOpenAI
Претходна статијаОд денес стапуваат на сила новите измени на Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата
Следна статијаXiaomi ја претстави Xiaomi 17 серијата со огромни батерии и новиот Snapdragon 8 Elite Gen 5
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.