Последни од познатите ИТ компании, OpenAI го претстави нивниот очекуван интернет прелистувач, нешто што може да се каже дека ја заокружува нивната понуда.
ChatGPT Atlas е името на прелистувачот кој официјално беше пуштен во текот на вчерашниот ден, а истиот како што е најчесто случајот прво е достапен на macOS.
Прелистувачот е направен на основа на отворениот код од Chromium, па корисниците во главно добиваат не толку различно искуство од тоа на кое се навикнати досега.
ChatGPT Atlas соодветно на Chromium кодот е направен доста едноставно, што е добро, а очекувани се и достапните функции, односно интеграцијата со вештачката интелигенција.

Како прво, цело време е достапно ChatGPT копче со чие притискање се отвора разговор на десната страна од прелистувачот. Корисниците можат да прашаат што сакаат за страната која е отворена, како и да направат разговор како што тоа го правеле досега.
Дополнително, а доста корисно, ChatGPT може да се искористи и на било кој дел од текстот со едноставно селектирање од страна на корисникот, по што може да се започне разговор, а може и да се промени текстот доколку на корисникот му е потребно истото, за пишување на порака, на пример.
Како што би очекувале, Altas доаѓа и со „агентски режим“, па корисниците можат да побараат од прелистувачот да направи одредени активности во нивно име, како на пример барање и резервација на хотел и слично.
Тоа по кое се истакнува ChatGPT Atlas е функцијата „меморија на прелистувачот“, која не треба да се помеша со меморијата на ChatGPT. Со оваа функција, која не е автоматски вклучена, Atlas има пристап до историјата на „сурфање“ на корисникот, заедно со контекстот на страните.
Корисниците со оваа функција добиваат можност да прашаат било што поврзано со претходно отворените страни, како на пример, пребарување на сите огласи на работа кои биле отворени и поврзување со трендовите на пазарот со цел подготовка за интервју.
Со ова се отвора темата за приватноста, која не е нова, но посебно се истакнува со претставувањето на генеративната вештачка интелигенција и големите јазични модели изминатите неколку години.
ChatGPT има пристап до скоро се што прави корисникот на интернет, па не сум сигурен дека покрај за одредена работа, ваквите прелистувачи се препорачливи за секојдневна употреба.
Веќе излегуваат информации за потенцијалните безбедносни слабости на ваквите прелистувачи, па останува на крајот корисникот да одлучи дали би сакал да ги користи.
Инаку, вакви прелистувачи веќе претставија од Perplexity, наречен Comet, тука се и The Browser Company и нивниот Dia, како и Copilot Mode во Microsoft Edge и интеграцијата на ВИ во Google Chrome.
Претставувањето на ChatGPT Atlas можете да го погледнете во продолжение.