Бројот на возила кои што се користат во градовите низ светот во главно се зголемува. Повеќето од возилата работат на фосилни горива кои што сите знаеме како влијаат на животната околина и квалитетот на воздухот кој што сите го дишеме во градовите. Развојот на хибридни и целосно електрични возила е технологија која што покажува најголем потенцијал во изминатите години за намалување на зависноста од ограничената количина на фосилни горива.
Веќе одамна на пазарот можат да се најдат хибридни возила, а во последно време голема популарност добиваат целосно електричните модели од Tesla. Идејата да се направат хибридни или дури и целосно електрични возилата не се однесува само на автомобилите, па така во одредени градови може да се видат и такви градски автобуси. Автобусите се доволно големи, па можат да соберат батерии со потребната големина за да можат да ја издржат рутата која ја поминуваат во текот на денот.
Меѓутоа шпанската компанијата Opbrid, која што е специјализирана во изработка на автоматизирани системи за полнење на урбаните комерцијални возила, работи на развој на систем кој што ќе овозможи повеќето автобуси да бидат направени целосно електрични, а сето тоа со доста помали трошоци од стандардните. Системот наречен Busbaar е систем за брзо полнење на батериите на автобусот кој што се поставува на одредени точки од рутата која што ја поминува во градот. Се изработува од достапни материјали и не бара некоја посебна технологија да работи. Направен е во форма на лак под кој што застанува автобусот, по што бакарни прачки поставени на автобусот и системот се приближуваат и допираат со цел да започне полнењето. Батериите во автобусите би биле направени од Литиум – титанит, кои што имаат можност да се полнат многу побрзо од литиум – јонските батерии, а исто така на го губат капацитетот во тој процес.
Системот овозможува полнење на батериите доволно за само 3-4 минути, време кое што е прилично кратко и не би влијаело на распоредот на автобусот.
Opbrid Busbaar ќе овозможи автобусите да користат многу помали батерии, а со тоа да ги намалат трошоците, како и да ослободат простор за патниците или други потреби. Можноста за користење на многу помали батерии доаѓа од фактот што тие нема потреба да издржуваат долго време затоа што автобусот би се полнел често додека ја вози својата рута.
Можете само да замислите какво влијание би имало користењето на целосно електрични автобуси за воздухот на еден град. Затоа развојот на вакви системи дава надеж за предностите кои што технологијата може да ги овозможи во иднина.