Sony вчера ја претстави својата најнова генерација на телевизори за 2021 година. Претставени се 5 нови модели, од кои 3 се направени во LCD технологијата, а 2 во технологијата која ќе ги интересира тие кои сакаат навистина добро искуство при гледање и немаат проблем да платат повеќе, односно OLED.

Овие нови модели може слободно да се каже дека ќе бидат едни од најпопуларните на пазарот, донесувајќи ги некои од карактеристиките за кои од компанијата беа до некаде критикувани, барем од одреден дел од корисниците.

Главната новина со која Sony настапува на пазарот е нивниот нов XR чип кој треба да овозможи подобрување на сликата и звукот над можностите на досегашните телевизори со вештачка интелигенција.

Од Sony XR чипот го нарекуваат чип со когнитивна интелигенција и тој прави оптимизирање на сликата над способностите на досегашната ВИ, односно прилагодувањето на светлината, контрастот и бојата.

Sony XR чипот прави анализа на целата слика и прави претпоставка кој дел од неа е тој што во моментот му треба најголема оптимизација. Од компанијата начинот на работа на процесорот го споредуваат со тоа како функционира мозокот на човекот, односно како човекот се концентрира на тоа што го гледа.

Кога ќе се земе во предвид дека во време кога чиповите и вештачката интелигенција се главните кога е во прашање сликата, а не само панелот, Sony се очекува со XR чипот да продолжи да ја има една од најдобрите слики на пазарот.

Втора поголема новина која ја донесува Sony кај овие телевизори е поврзана со гејмингот, па сигурно голем дел од корисниците ќе бидат задоволни и повторно ќе се вратат кај овој бренд.

Новите Sony телевизори доаѓаат со поддршка за HDMI 2.1, 120Hz 4K, VRR (variable refresh rate), ALLM (auto low latency mode), како и eARC. Тоа значи дека гејмерите веќе нема да требаат да купуваат телевизор од конкуренцијата за да можат да ги искористат најновите технологии кога е во прашање играњето на игри, а секако тука и големо влијание има претставувањето на PlayStation 5.

Новите телевизори ги вклучуваат следните LCD телевизори: Z9J Master Series 8K, X95J 4K, X93J 4K, како и следните OLED телевизори: А90Ј Master Series 4K и A80J 4K.

Телевизорите треба да бидат достапни наскоро, а тогаш ќе им биде објавена и цената. Повеќе детали за телевизорите можете да погледнете на следните видеа од компанијата.

Претходна статијаSamsung Electronics ги претстави Neo QLED, MicroLED и Lifestyle линијата телевизори во склоп на саемот CES 2021
Следна статијаЕвропски технолошки компании ги обвинуваат САД дека ги користат санкциите за да ги исклучат од Кина
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.