Фото: Nothing

Уште во мај оваа година Nothing го најавија претставувањето на нивниот Phone (3), кој за разлика од претходните модели, ќе биде позициониран во повисоката класа и ќе се обиде да им конкурира на најдобрите. 

Минатиот месец беше објавено дека чипот на којшто ќе работи овој телефон е Snapdragon 8s Gen 4, па некако се намалија очекувањата за сериозно конкурирање со Galaxy S серијата, на пример. 

Телефонот сега е официјално претставен, па со цената од 800 долари јасно е дека ќе биде позициониран во повисоката класа, односно треба да конкурира со основниот Galaxy S25 модел и сличните. 

Иако Phone (3) е направен во карактеристичниот стил од претходниците, една од главните промени е тргањето на Glyph интерфејсот по кој од компанијата и станаа познати со првите модели. 

Наместо овие на различни места поставени сијалички, Nothing Phone (3) има мал кружен екран кој ги прикажува работите во очигледно истакнати пиксели, каков што е и корисничкиот интерфејс на NothingOS. 

На овој екран може да се видат одредени информации, а достапни се и интересни, но не нешто посебно корисни функции. 

Екранот на Phone (3) е со големина од 6,67 инчи и е направен со AMOLED технологија, а има резолуција од 2800 на 1280 пиксели, со што се добива нивна густина од 460 пиксели на инч. 

Заштитата на екранот е уште една работа покрај чипот која не е баш од највисоката класа, па наместо Gorilla Glass Victus, телефонот доаѓа со Gorilla Glass 7I. 

Камерите, кои се на чуден начин поставени на задната страна ги има три и сите доаѓаат со сензор од 50 мегапиксели. „Селфи“ камерата исто така има 50 мегапиксели. 

Батеријата е една од подобрите карактеристики на Nothing Phone (3) и истата има капацитет од 5.150 mAh, а може да се полни со полнач од 65 W. 

Повеќе за првото искуство со Nothing Phone (3) има што да каже познатиот „Mrwhostheboss“ во видеото во продолжение. 

Претходна статијаNothing ги претстави нивните први слушалки кои се носат врз ушите
Следна статијаСофтверски инженер од Microsoft има одлична Linux алтернатива на Windows наменета за корисниците кои сакаат да го задржат познатиот изглед
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.