Како дел од посебни промотивни видеа за производителите на Android смартфони, во рамките на The Android Show: I/O Edition, каде беше најавен и Material 3 Expressive, дојде и интересна најава од страна на Карл Пеи, основачот и директор на Nothing. 

Пеи уште од најавата на неговата нова компанија истакнува дека има за цел да ги направи смартфоните повторно интересни за користење, па дефинитивно мора да се признае дека Nothing има посебен стил и начин на функционирање. Голем дел од инспирацијата на Пеи доаѓа од Apple, па не е чудно што досега одлично се покажуваат. 

Nothing телефоните досега беа познати по тоа што доаѓаа со нешто пониски цени, односно не се обидуваа да им конкурираат на најдобрите на пазарот во највисоката класа. 

Од видеото во кое Пеи го најавува Nothing Phone (3), може да се види дека тоа веќе нема да биде случајот. Од компанијата ќе се обидат да им конкурираат на најдобрите, односно на Samsung и Apple и нивната највисока класа. 

Тој најавува дека наредниот смартфон ќе дојде со повисока цена, поточно 200 фунти повеќе од претходниот, а со тоа ќе дојдат и премиум материјали, доста подобри перформанси и соодветно прилагоден софтвер. 

Со други зборови, Nothing Phone (3) ќе биде направен со сите очекувани материјали и компоненти за највисоката класа, па ќе биде интересно да видиме дали ќе го привлече вниманието на корисниците кои обично ги купуваат уредите од Samsung и Apple. 

Претходна статијаGoogle официјално го претстави Material 3 Expressive и изгледа одлично
Следна статијаКако да изградиш успешна кариера во технологијата: Вистински приказни, вистински совети, вистински напредок
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.