NFC Forum, организацијата која стои зад развојот на стандардите за NFC комуникацијата, ја објавија наредната верзија од стандардот, NFC Release 15. Дел од организацијата се компании како Apple, Google, Huawei, Sony и други, па може да се очекува доста брзо имплементирање на стандардот кај уредите, а такво нешто реално може да се очекува од идната година.
Главната новина која доаѓа со NFC Release 15 е зголемувањето на оддалеченоста на која може да се поврзат два уреди за да се изврши бесконтактно плаќање, отклучување на брава, поврзување слушалки и слично. Досегот на стандардот е зголемен за четири пати, па од сегашните 5 милиметри, NFC уредите ќе можат да функционираат на оддалеченост од 2 сантиметри.
Секако, никогаш не е во план досегот да биде доста поголем, па можеби оваа бројка не делува како нешто многу, но разликата за корисниците ќе биде доста забележлива.
Пред се, поради намалувањето на потребата двата уреди да мора да се допрат, поврзувањето ќе започнува порано и истото се очекува дека ќе биде доста побрзо, а и ќе трае подолго.
Првите уреди кои ќе го користат овој стандард се очекуваат до крајот на годината и почетокот на идната, па подобрувањата од NFC Release 15 ќе почнеме да ги користиме од 2026, па натаму.