Најверојатно со наредната годишна надградба на Windows 11, која обично доаѓа некаде околу октомври, Microsoft планира да пушти ново Старт мени. Од тоа што може да се види, новото мени би требало да ги намали критиките од корисниците, иако за тие кои им се допаѓаше Старт менито од Windows 10 повеќе, ни оваа нова верзија нема да помогне многу. 

Новото мени од оваа недела е дел од најновите верзиите од Windows 11 во Insider Preview програмата, во Dev каналот, како и во Beta каналот. Истото не е пуштено за сите корисници, но наскоро повеќето ќе можат да го тестираат, а има и начини како да се активира. 

Со пуштањето на Старт менито во Insider Preview програмата, Microsoft и официјално го претставува и ги објаснува новините кои доаѓаат. 

Главната новина кај Старт менито е што тоа веќе нема да страни, односно и делот за сите инсталирани апликации сега се покажува на главната страна. Овој дел е трет на листата, а Старт менито со оваа промена сега станува поголемо и „лизгачко“ надолу. 

Делот за сите апликации стандардно се прикажува во формат на категории кои автоматски се креираат од страна на системот, а потребно е да има барем три слични апликации за креирање на категорија. Доколку има помалку, истите се ставаат во општа категорија. 

Категориите се прикажуваат во редослед кој зависи од тоа кои апликации корисникот најчесто ги користи, па првата категорија би била од најчесто користените апликации на корисникот. 

Покрај овој формат, корисниците можат да изберат прикажување на сите апликации и во мрежа, односно „grid“ формат, како и сега достапниот формат на листа. 

Втора поголема новина кај Старт менито е можноста да се исклучат предлозите за апликации и датотеки, па целиот тој дел да биде тргнат и да останат само прикачените апликации сите апликации. 

Од Microsoft истакнуваат дека менито станува прилагодливо на големината на екранот, па на поголемите екрани и менито ќе биде поголемо и ќе прикажува повеќе колони со апликации. На поголемите екрани ќе се прикажуваат 8 колони со прикачени апликации, 6 апликации или датотеки како предлози и 4 колони на категории од сите апликации. 

Доколку екранот не е доволно голем за ова, менито ќе прикажува 6 колони на прикачени апликации, 4 предлози, како и 3 колони од категориите на сите апликации. 

На крајот, скоро ист останува првиот дел од менито, односно делот каде корисниците можат да ги прикачат најчесто користените апликации. Тие ќе се прикажуваат во максимум два реда, а достапно е копче да бидат прикажани и останатите. 

Во прилагодувањата на менито ќе може да се избере секогаш да се прикажуваат сите прикачени апликации, како и да се исклучи делот за предлози. 

Во овој дел од менито достапно станува и копче преку кое ќе може да се вклучува делот од менито каде се прикажува поврзаниот Android или iOS телефон.

ИЗВОРMicrosoft
Претходна статијаИднината на АИ во европските домови изгледа светла со доверливи решенија за приватност од Samsung
Следна статијаiOS 26 донесува две корисни новини кои ќе го подобрат корисничкото искуство
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.