
Како што беше најавено, Microsoft денеска го претстави долго очекуваниот Office за iPad. Се работи за пакет од три посебни апликации, Word for iPad, Excel for iPad и PowerPoint for iPad, односно пакетот е направен да биде во согласност со десктоп верзиите, па не доаѓа како една апликација како во примерот со Office for mobile достапна за iPhone. Office for iPad пакетот на апликации ќе биде достапен бесплатно за сите корисници кои што ќе можат да отвораат и прегледуваат документи, како и да презентираат со готови презентации, но не и да ги менуваат или да креираат нови. Целосната функционалност ќе биде достапна само за корисниците на некој од пакетите за претплата на Office 365.
Кога за првпат ќе отворите некоја од апликациите, ќе бидете пречекани од неколку слајдови кои што даваат кратко објаснување, после кои што од вас ќе биде побарано да се најавите со вашата сметка што ја користите за Office 365, или бесплатно да прегледувате документи. По стартувањето на апликацијата ќе го видите познатиот кориснички интерфејс од десктоп верзиите, од кого избирате дали сакате да отворите нов празен документ или да изберете некој од готовите темплејти. Апликациите се направени да изгледаат во стилот на нивните десктоп верзии, па тие користат кориснички интерфејс со слична лента на горната страна. Како и на десктоп на лентата се прикажани повеќе копчиња кои што групираат одредени функции на апликацијата. Сепак, како што нагласуваат и од Microsoft, ова не се десктоп апликациите префрлени на iPad. Office for iPad апликациите иако вршат многу повеќе функции од достапните мобилни верзии, сепак ги немаат сите функции достапни на десктоп, но тоа никој и не го очекуваше.
Апликациите работат ексклузивно со OneDrive, а фајловите може да бидат зачувани и на самиот уред, меѓутоа поврзување со некој од другите cloud сервиси не е овозможено. Во продолжение прочитајте кои се некои од функциите достапни во апликациите. Office for iPad апликациите овозможуваат работење на документи започнати на било кој уред, а како што сакаат да кажат од Microsoft, тие изгледаат многу убаво. Исто така ги нарекува вистинските Office апликации за iPad, сакајќи да ги издвои од големиот број на други апликации кои што треба да ја вршат истата функција.
Word for iPad
- Работа со слики, табели, графикони, SmartArt, равенки
- Документите изгледаат исто како на десктоп верзиите
- Можност за отворање на документи од email пораките (attachments), документите од OneDrive и SharePoint
- Можност за продолжување со работа на документите од таму каде што имате застанато на другите уреди
- Содржината и форматирањето на текстот се задржува на сите уреди
- Можност за форматирање на фонтот, сликите, табелите, текст полиња, форми, фусноти, поставеност на страната и повеќе
- Можност за следење на промените (track changes), додавање на коментари и работење во исто време со други на истиот документ
- Word автоматски го зачувува документот на кој што се работи, па можност за губење на работата ја нема
- Споделување на документите преку испраќање на линк од документот или целиот документ
Excel for iPad
- Работа со формули, табели, графикони, коментари, линкови, кондиционално форматирање и повеќе
- Excel табелите изгледаат исто како и на десктоп верзиите
- Можност за отворање на документи од email пораките (attachments), документите од OneDrive и SharePoint
- Можност за продолжување со работа на документите од таму каде што имате застанато на другите уреди
- Содржината и форматирањето на текстот се задржува на сите уреди
- Поддршка за формули, графикони, табели, сортирање, филтри и повеќе
- Посебна тастатура за формули која овозможува внесување на бројки и формули многу побрзо отколку со стандардната тастатура
- Excel автоматски го зачувува документот на кој што се работи, па можност за губење на работата ја нема
- Споделување на документите преку испраќање на линк од документот или целиот документ
PowerPoint for iPad
- Работа со слики, табели, графикони, SmartArt, транзиции, анимации и повеќе
- PowerPoint презентациите изгледаат исто како и на десктоп верзиите
- Вграден ласерски покажувач со подолго притискање на екранот
- Можност за отворање на документи од email пораките (attachments), документите од OneDrive и SharePoint
- Можност за продолжување со работа на документите од таму каде што имате застанато на другите уреди
- Содржината и форматирањето на текстот се задржува на сите уреди
- Можност за симултано работење со други на истата презентација
- PowerPoint автоматски ја зачувува презентацијата на кој што се работи, па можност за губење на работата ја нема
- Споделување на документите преку испраќање на линк од документот или целиот документ
Може да се каже дека ова се меѓу подобрите, ако не и најдобрите апликации од ваков тип достапни во продавницата за апликации. Истите се достапни и можете да ги симнете преку следните линкови: Word for iPad, Excel for iPad и PowerPoint for iPad.