Windows 9, наредната верзија од оперативниот систем на Microsoft се очекува да биде претставена на посебен настан на 30-ти Септември или на почетокот од Октомври. Од компанијата ја немаат потврдено оваа информација, па таа останува во категоријата на шпекулации. Сепак од објава на кинеската социјална мрежа Weibo денеска, може да се види дека можноста за наскоро претставување на 9-тата верзија од Windows навистина е веројатна. На оваа социјална мрежа од компанијата е објавена слика, како и прашањето: „Најновиот оперативен систем на Microsoft Windows 9 доаѓа наскоро, дали мислите дека Start менито на левата долна страна ќе се врати ?“
Сликата која што е објавена заедно со прашањето го има името на оперативниот систем, како и бројката 9 направена од мали прозорчиња, односно плочки. Со оглед на тоа дека се работи за објава од компанијата, без разлика што е кинеското претставништво, може да се заклучи дека се работи за вистинска слика од која што може да се донесат неколку заклучоци. Името на оперативниот систем, барем за сега ќе биде Windows 9, а информациите за негово официјално претставување во периодот што следи се точни.
Од најновата верзија од Windows се очекува да ја врати популарноста кај корисниците во овој оперативен систем, нешто што е голем проблем со 8-мата верзија. Во Windows 9 треба да бидат вратени неколку функции кои што беа тргнати во претходната верзија, како и да се воведат одредени подобрувања. Можеби најважната работа во новата верзија која што се очекува е поделбата на начинот на функционирање на системот зависно од типот на корисник, односно зависно од тоа дали се работи за десктоп корисник или корисник на таблет компјутер со екран на допир. Насочувањето на корисниците да ја користат модерната околина можеби беше една од најголемите грешки на Microsoft со Windows 8. Корисниците кои што обично многу тешко се навикнуваат на промени беа скоро натерани да користат нешто што според нив не им беше од користи. Исто така кога веќе сакаа корисниците да ги користат модерните апликации, требаше подобро да се погрижат дека во продавницата за апликации ќе има доволно апликации, но и со добар квалитет.