Microsoft Designer е уште една апликација од Microsoft која е направена како директен конкурент на некоја доста позната апликација на пазарот. Во овој случај се работи за конкуренција на Canva и сличните апликации, па корисниците сега добиваат уште една опција.
Кратко кажано, ако не сте запознаени ни со Canva, се работи за апликации кои овозможуваат дизајнирање на објави на друштвените мрежи, реклами, банери и слични графички работи преку овозможување на избор на слики, фонтови и слично.
Microsoft Designer може да се каже дека функционира скоро исто како конкурентните решенија, со таа разлика што Microsoft направи еден додаток кој изминатите месеци го направи во скоро сите нивните сервиси. Designer работи со помош на вештачка интелигенција, па тука е „генераторот на слики“ кој го има во Bing.
Ова значи дека наместо да се започне со празно „платно“, на Microsoft Designer може да му се каже нешто во стилот „направи ми објава за Instagram за промоција на мојот ресторан“.
Designer ќе почне со генерирање и ќе подготви скоро готов дизајн кој потоа корисникот може само да го прилагоди или доста измени, но е одличен како за почеток и инспирација.
Целосно очекувано, Microsoft Designer може да се користи и за генерирање на текстот којшто треба да оди со дизјанот, нешто што веќе го видовме како способност на новиот Bing.
Оваа нова апликација од Microsoft ја користи истата технологија која стои зад новиот Bing, односно вештачката интелигенција од компанијата и од OpenAI.
Ваквите апликации се одлични најчесто за луѓето кои не се дизајнери по професија, така да кажеме, па работата во Photoshop или сличните апликации, не е нешто што баш го познаваат или не им е силна страна.
Microsoft истакна дека планира да го интегрира Designer во Edge, а целата нивна презентација на апликацијата, заедно со видео примери, можете да ја погледнете тука.