Живееме во време кога дигиталните технологии се основа на секоја современа професија. Без разлика дали станува збор за медицина, архитектура, образование, уметност или бизнис – технологијата го движи светот. Секоја иновација, секој нов производ или услуга, сè почесто зависи од добро осмислен и функционален дигитален систем. Затоа, потребата од ИТ-експерти никогаш не била поголема, а со тоа и од квалитетно образование што подготвува кадар за свет што постојано се менува.
Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, е токму такво место – средина што ги следи светските трендови, нуди разновидни можности и создава генерации подготвени да одговорат на предизвиците од иднината. Не само со теорија, туку и со практично искуство, поврзување со индустријата и работа на реални проекти уште од првите студиски години.
Ангела Василевска, студентка на ФИНКИ, вели дека не ѝ требало многу размислување околу изборот за нејзиниот кариерен пат
„Сакав Факултет каде што ќе добијам квалитетно знаење, но и простор за личен развој. Тука видов огромен потенцијал – не само академски, туку и преку студентски организации, хакатони, проекти и целата заедница што ја носи ФИНКИ со себе. Сакав динамична средина каде што ќе можам да учам, да се изразам, да бидам дел од тимови и иницијативи“, објасни студентката.

Она што го прави ФИНКИ посебен е широчината на насоките што ги нуди и нивната поврзаност со различни индустрии. Од софтверско инженерство и компјутерски науки до примена на ИТ во бизнис, здравство или едукација – секој студент може да го пронајде својот интерес и да го надгради со реални вештини.
„Секоја насока има реална примена – и тоа не само во ИТ-компании, туку и во здравство, енергетика, едукација, маркетинг, па дури и уметност“, наведе Ангела.
Таа потсети и дека вредноста на некоја насока не се мери според нејзината популарност
„Искрено, мислам дека нема „помалку вредни“ насоки – само помалку истражени. Информатичката едукација, на пример, сега е клучна поради порастот на EdTech стартапи и потребата за ИТ-наставници. А стручните студии за програмирање – иако пократки – се многу ценети на пазарот, особено ако сака некој брзо да се вработи“, посочи Ангела.
Наставата на ФИНКИ е прилагодена на динамичниот ИТ-сектор, но успехот доаѓа и од вклученоста на студентите
„Факултетот ти дава основа, но твојата проактивност е тоа што прави разлика. Ако си активен, ќе излезеш не само со знаење, туку и со искуство – и со тоа ќе бидеш подготвен за сè што те чека после“, рече Ангела.
За идните студенти, Ангела има една важна порака: „Немојте да избирате само според тоа што другите го избираат. Истражете ги сите насоки. Не постои „второкласна“ насока – постои само насока што или ви одговара, или не. А кога ќе го најдеш она што е твое – таму ќе блеснеш најмногу.“