Apple вчера го презентира iOS 26, како што се очекуваше, наместо iOS 19. Од компанијата решија да го променат и унифицираат начинот на којшто ги прикажуваат верзиите од нивните системи, па отсега бројката ќе биде според годината во која верзијата функционира во поголемиот дел. Поради тоа што новите верзии од системите стануваат достапни при крајот на септември, бројката на верзијата ќе биде од следната година.
iOS 26 може слободно да се каже дека е доста голема надградба. Истата го донесува Liquid Glass дизајнот кој сега е достапен кај сите системи од компанијата.
Со овој нов дизајн елементите од корисничкиот интерфејс добиваат повеќе проѕирност, односно се обидуваат да го имитираат изгледот на стакло. Со ова се добиваат и интересни ефекти, односно елементите го менуваат отсјајот зависно од што има во позадината во моментот, како и од движењето на уредот.

Новиот дизајн започнува подискретно и iOS 26 изгледа доволно познато за повеќето корисници, но почнува да се забележува повеќе кај копчињата, менијата, лентите за прилагодувања и слично.
Нови ефекти кај заклучениот екран
Liquid Glass, покрај додавањето на „стаклени“ ефекти, донесува и нов ефект кај заклучениот екран. Часовникот сега се „истегнува“ надолу препознавајќи ги деловите од сликата која ја има избрано корисникот. Доколку предметот на сликата е подолу, часовникот се зголемува за да се прикаже до него.
Ефектот е направен доста интересно, па како се појавуваат известувања, часовникот се намалува, односно се прилагодува на движењата на елементите на екранот.
Одлична промена кај Phone апликацијата
Една од целите на Liquid Glass дизајнот, покрај визуелните промени е и поедноставување на апликациите, а тоа може да се види на повеќе места. Phone апликацијата е пример за истото, па достапните елементи од долната лента сега се намалени, па омилените контакти, како и последните повици се поставени во еден дел.

Ова е мала, но доста корисна новина која доста ќе го подобри корисничкото искуство.
Промени кај Camera, Safari, Maps и Photos
Како што можевме да прочитаме уште пред неколку месеци, Camera апликацијата станува поедноставна, односно на долната редизајнирана со Liquid Glass лента сега се достапни само две можности, сликање и снимање. Корисниците можат да дојдат и до повеќе прилагодувања директно од Camera, па со тоа ќе бидат потребни помалку отворања на Settings апликацијата.
Safari со новиот дизајн добива доста поголем фокус кон содржината на страните, па долната лента, покрај тоа што е повеќе проѕирна, истата сега „лебди“ над содржината и не ја исполнува целата ширина на екранот.
Кога корисникот почнува да ја разгледува страната, лентата дополнително се намалува и станува скоро незабележлива.
Maps апликацијата исто така го добива новиот Liquid Glass дизајн, а тоа и во овој случај значи помала долна лента која се прилагодува на движењата, како и поголема проѕирност.
Апликацијата добива и нова функција наречена Visited Places, која донесува посебен дел каде корисниците можат да ги разгледуваат сите локации кои ги имаат посетено. Во Apple стил, оваа функција доаѓа со од-крај-до-крај шифрирање, па ни од компанијата не би требало да ги видат овие локации.
Apple ги слушна критиките на новата Photos апликација, па во iOS 26 главната галерија ја поставува во посебен дел. Останатите делови од сегашната Photos апликација се брзо достапни, па корисниците би требало веќе да немаат критки за апликацијата.
Messages апликацијата добива неколку новини
Messages во iOS 26, покрај Liquid Glass дизајнот, добива и можност за додавање на позадини на разговорите. Овие позадини ќе се прикажуваат кај сите страни од разговорот, односно не само кај едниот корисник.
Апликацијата исто така добива можност за анкети во групните разговори, како и индикатор кој покажува кој пишува порака во моментот, нешто што не беше достапно кај групните разговори.
Новини кај Apple Intelligence
Како што се очекуваше, на презентацијата немаше посветено голем дел за Apple Intelligence, а уште на почетокот од компанијата истакнаа дека поголемите новини кои се чекаат кај Siri, ќе станат достапни во наредната година, а како објаснува беше дадена желбата да функцијата биде направена како што треба.
Сепак, iOS 26 донесува неколку новини кои функционираат на основа на Apple Intelligence, но за жал повеќето од нив нема да бидат достапни на македонски јазик.
Такви новини ја вклучуваат можноста да вештачката интелигенција разговара со непознатиот повикувач, пред да му го пушти повикот на корисникот, а направениот разговор се прикажува во текстуална форма за подобра одлука дали да се крене.
Оваа новина доаѓа и кај Messages апликацијата, па пораките кои се од непознати броеви или можен спам, ќе бидат прикажувани во посебен дел од апликацијата.
Доста интересна и корисна новина е поврзана со повиците каде не оставаат да чекаме, како на пример банките или телеком операторите. Вештачката интелигенција го презема чекањето, а корисникот може целосно да го остави телефонот. Кога корисникот ќе дојде на ред на повикот, телефонот ќе заѕвони, а ВИ дури ќе го извести операторот дека корисникот е тука.
Дел од функциите ќе бидат достапни за сите корисници, па Visual Intelligence функцијата добива можноста за препознавање на работи што се на екранот од корисникот, а сега помош може да се добие и од ChatGPT.
Image Playground добива нови можност, како комбинирање на две слики при генерирање на сликата, а во оваа апликација исто така доаѓа ChatGPT, па корисниците ќе можат да генерираат слики и од овој „четбот“.
Shortcuts апликацијата треба да стане повеќе корисна за поголем дел од корисниците со можноста да се направи активност со помош на вештачката интелигенција, со што корисникот нема да мора точно да знае како се прават овие функции.
Целата објава од Apple за iOS 26 можете да ја погледнете тука.