Google ги претстави Pixel 3 и Pixel 3 XL со поголеми екрани, помали рамки и исечок кај поголемиот модел

Годинешните модели претставуваат во главно една надградба од ланските, па Google не донесува некои посебни новини кои ќе се истакнат пред конкуренцијата

Google вчера го одржа најавениот настан на којшто ги претстави, меѓу другото, своите нови смартфони од Pixel серијата. Иако неофицијалните информации за овие уреди беа нестандардно многу, па дури можевме да прочитаме дека верзија од уредите се продава на црните пазари од источна Европа, сепак еве сега официјално да ги презентираме Pixel 3 и Pixel 3 XL.

Pixel 3 и Pixel 3 XL не претставуваат драстична промена на телефоните од Google во споредба со минатата година. Може слободно да се каже дека тие се надоградба која треба да ги направи достојни за 2018, па донесуваат во главно новини во компонентите, како и неколку дополнителни промени.

Годинешните модели имаат мала разлика во изработката, односно задниот дел овој пат е направен од стакло кое е поставено за да можат уредите безжично да се полнат со новиот Pixel Stand безжичен полнач, којшто исто така беше претставен на настанот.

Страните на телефоните се изработени да имаат заоблени делови, со што држењето на уредите треба да е поудобно и „поприродно“.

Главната разлика во изгледот на тројките е во големината на екраните. Па така, помалиот Pixel 3 сега доаѓа со 5,5 инчен OLED екран со резолуција од 2.160 на 1.080 пиксели, додека Pixel 3 XL има 6,3 инчен исто така OLED екран со резолуција од 2.960 на 1.440 пиксели.

Два уреди работат на моментално најдобриот Snapdragon 845 чипсет, но интересно доаѓаат со „само“ 4 GB RAM меморија. Сепак, кога ќе се земе во предвид дека ретко на кој му е потребно повеќе на мобилен уред, јасно е дека конкурентите вклучуваат повеќе рам во главно и од маркетинг причини.

Google исто така не оди во правецот на конкурентите кога е во прашање и задната камера на уредите. Годинешните модели имаат по една камера на задната страна, што доаѓа малку чудно кога ќе се земе во предвид дека конкурентите веќе вклучуваат и по три камери. Сензорот на камерата е со 12 мегапиксели.

Сепак, овие камери се засилени со вештачка интелигенција кој може слободно да се каже дека ја прави целата разлика. Камерите, ќе покажат и тестовите, треба повторно да се едни од најдобрите на пазарот, а благодарение на вештачката интелигенција, тие ќе можат да прават одлични слики навечер, како и неколку дополнителни ефекти.

На предната страна вклучена е двојна камера со 8 мегапиксели. Една од леќите е со широк агол, специјално вклучена за сликање на групните селфи слики кои на овој начин можат да соберат повеќе луѓе во кадарот. Сликањето на селфи сликите, повторно со помош од ВИ, може да се направи со правење на одреден гримаса или со насмевнување.

Батериите на уредите се со капацитет од 2.915, односно 3.430 mAh, па слободно би кажале дека Google можеле да направат повеќе на овој план.

Исто како ланските модели, одредени функции може да се контролираат преку притискање на страните, нешто што за првпат го видовме кај HTC телефоните.

Pixel 3 и Pixel 3 XL ќе работат на најновата верзија од Android, се разбира, што значи и дека на нив ќе ги нема стандардните копчиња за навигација кои сега се заменети со навигација преку гестикулации.

Интересно, новите уреди ќе им овозможат на корисниците од англиските говорни подрачја да кренат на одреден повик со функцијата Screen Call, со што телефонот автоматски ќе види за што се работи, а разговорот ќе го прикаже во текстуална форма додека се случува. На овој начин корисниците ќе можат да одлучат дали сакаат да го продолжат разговорот кога се зафатени или кога мислат дека повикот е „спам“.

Цената по која ќе се продаваат уредите, односно нивните основни верзии е 799 долари за едниот и 899 долари за другиот модел.

ИЗВОРGoogle
ИЗВОР 2The Verge
Претходна статијаMicrosoft ја откри причината за бришењето на податоци при надградбата на October 2018 Update
Следна статијаGoogle го претстави Home Hub – паметен асистен за паметниот дом
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.