На вчерашниот Made by Google настан, претставени беа четири нови телефони од Pixel серијата, па покрај Pixel 10, Pixel 10 Pro и Pixel 10 Pro XL, трет пат по ред веќе, претставен е и телефон на преклоп.
Pixel 10 Pro Fold е името на третата генерација од телефонот кој започна како Pixel Fold, а очекувано донесува одредени подобрувања, иако тие не може да се наречат баш толку драстични.
Една од главните новини кај Pixel 10 Pro Fold е новиот механизам за преклопување, еден од најважните делови кај ваквите уреди. Истиот сега е направен без „запчаник“, кој според Google е двојно повеќе издржлив од претходната генерација, а корисниците треба да може да ги служи до 10 години.
Ова е и првиот ваков уред кој доаѓа со IP68 оценката за отпорност од прашина и вода, па може да се каже дека ова го прави Pixel 10 Pro Fold навистина „безбеден“ за користење.

Една од поголемите новини, која е дел и од останатите Pixel 10 телефони, е Pixelsnap функцијата. Оваа функција стана возможна со Qi2 стандардот, а во основа ја донесува познатата MagSafe функција од iPhone кај Android телефоните.
Google се првите кои ја имплементираат оваа можност која покрај безжичното полнење, донесува вграден магнет на задната страна од уредот, а со тоа повеќе интересни и корисни додатоци.
Внатрешниот екран, односно тој кој се превиткува, повторно е со одлични 8 инчи, но затоа внатрешниот добива мало зголемување. Тој сега има големина од 6,4 инчи, со одличниот 20:9 сооднос, со што Pixel 10 Pro Fold продолжува да биде еден од подобрите вакви уреди.
Корисниците можат слободно да го користат уредот како класичен смартфон, без проблеми поради дебелината, тежината или форматот на екранот, а секогаш кога сакаат да гледаат слики, видеа или да работат нешто, тука е големиот екран кој го претвора уредот во мал таблет.
За жал, Pixel 10 Pro Fold доаѓа со неколку карактеристики кои се дел од основниот Pixel 10, наместо со тие од Pro уредите. Па така, надворешниот екран е со стапката на освежување од 60 до 120 херци, но добро е што внатрешниот екран доаѓа со LPTO технологијата и стапка од 1 до 120 херци.
Камерите исто така се како кај основниот модел, па Pixel 10 Pro Fold доаѓа со 48, 10,5 и 10,8 мегапикселни камери, како и 10 мегапикселна „селфи“ камера.
Како и останатите од серијата, Pixel 10 Pro Fold работи на новиот Tensor G5 чип кој оваа година е произведен во TSMC.