По случајното пуштање на објавата предвреме минатата недела, Google сега официјално ја претстави наредната верзија од нивниот Material дизајн. Како што можевме да видиме и претходно, новата верзија е наречена Material 3 Expressive.
Уште на прв поглед се гледа дека Google продолжува да прави одлични дизајни со нивниот „водич“ за изгледот на Android, па може да се каже дека нивните Pixel уреди ќе го имаат еден од најдобрите кориснички интерфејси на пазарот.
Material 3 Expressive не е целосно нов кориснички интерфејс, па од Google одлично се надоградуваат на работата од претходните верзии. Оваа нова верзија донесува освежување на скоро сите елементи од корисничкиот интерфејс, како и одлични нови анимации.
Од компанијата новиот дизајн го промовираат како повеќе „течен“ кој донесува систем на повеќе природни и „растегливи“ анимации кои треба да донесат моменти на задоволство кај секојдневните рутини.
Неколку примери се истакнати за тоа какви промени донесува Material 3 Expressive, па така, при тргањето на известување од листата, анимација е додадена и на другите известувања кои малку се движат заедно со тоа кое се трга.
Вакви и слични анимации се додадени низ целиот кориснички интерфејс и ќе можат да се забележат при користење на телефонот.
Уште еден таков пример е листата со известувања која сега има нова анимација кога се повлекува надолу, а исто така додадено е и заматување на позадината.
За тие кои сакаат да ги видат сите нови промени, како на пример програмерите кои прават апликации, Google ги има сите потребни детали на оваа страна.
Дел од овие новини доаѓаат и кај Wear OS, па како што би се очекувало корисниците ја добиваат потребната унифицираност на корисничкото искуство.