Google

Веќе втора година по ред Pixel телефоните од Google се едни од најмногу достапните предвреме преку неофицијални информации, но и слики и видеа. Тоа значи дека настанот којшто Google го одржа денес само ги официјализира информациите кои веќе ги знаевме, па еве и официјално што донесуваат Pixel 4 и Pixel 4 XL.

Двата модели се скоро исти во своите карактеристики, па се разликуваат само по големината, а со тоа и екранот и големината на батеријата. Pixel 4 доаѓа со 5,7 инчен OLED екран и со резолуција од 1080p, за која уште тврдам дека е смешно што ја гледаме во уреди од високата класа во 2019 година. Телефоните ги користиме блиску до нашите очи, со што поголемата резолуција прави разлика, па иако шансите да се види пиксел со Full HD резолуција екран се мали, сепак се познава разлика помеѓу ваков и екран со поголема резолуција, а посебно при читање.

Pixel 4 XL доаѓа со 6,3 инчен OLED екран со добра резолуција од 1440p, а ова веќе влегува во задоволителна категорија, а повеќе од ова и јас мислам дека не може веќе да се забележи.

Втората разлика е во батериите, а според мене и двата модели имаат не доволно големи батерии, односно со доволно голем капацитет, а посебно кога ќе се споредат со конкуренцијата. Pixel 4 доаѓа со батерија со капацитет од 2.800mAh, а поголемиот Pixel 4 XL со 3.700mAh. Брзото полнење се прави преку полнач со 18W.

Тука завршуваат разликите, па можеме да пишуваме за останатите карактеристики на овие телефони.

Главната карактеристика секако е во предните сензори кои вклучуваат и радар, покрај стандардните камери и останати сензори. Поради тоа и оваа година Pixel 4 уредите изгледаат како да се враќаат во минатото, барем кога е во прашање нивниот изглед од напред. Тие на горната страна имаат целосна рамка, без исечок, што може е и добра одлука.

Сензорот на предната страна овозможува отклучување на телефонот со скенирање на лицето, а поради тоа и не е вграден сензор за отпечатоци. Тоа значи дека од Google сметаат дека овој систем е доволно безбеден, барем колку што се отпечатоците.

Покрај тоа, предните сензори овозможуваат контрола на уредот со гестикулации, па корисниците ќе можат да ја сменат песната која ја слушаат, на пример, само со поминување со раката пред уредот. Исто така, уредот ќе може да процени кога корисникот е пред нив и со тоа да го појачи или намали екранот.

Двата телефони доаѓаат со одлична карактеристика на екранот, а тоа е 90Hz освежување, со што целата работа со екранот станува многу подобра и се добива впечаток како се побрзо да реагира. Поради заштеда на батеријата, кога не е потребно, освежувањето се намалува на 60Hz.

Pixel 4 и Pixel 4 XL работат на Snapdragon 855 со 6GB RAM меморија и избор од 64 и 128GB простор за податоци. Двата уреди немаат можност за додавање на SD картичка.

Новина оваа година е додавањето на дополнителна камера на задната страна, со што ќе се овозможат подобри ефекти кои веќе нема да мора само софтверски да се прават. Главната камера доаѓа со сензор од 12 мегапиксели, додека втората која овозможува и поголем зум е со 16 мегапиксели.

Google кои се познати по квалитетот на сликите кои можат да ги извадат нивните Pixel уреди и оваа година вклучува посебни алгоритми кои ќе овозможат да се извади најдоброто од тоа што се слика, а секако и во ноќни услови.

Двата телефони доаѓаат со одлична карактеристика на екранот, а тоа е 90Hz освежување, со што целата работа со екранот станува многу подобра и се добива впечаток како се побрзо да реагира. Поради заштеда на батеријата, кога не е потребно, освежувањето се намалува на 60Hz.

Телефоните ќе се продаваат од крајот на месецот по почетна цена од 799 долари за Pixel 4 и 900 долари за поголемиот модел.

Претходна статијаДигитализацијата на вашиот бизнис е вистинско „оружје“ во борбата против конкуренцијата
Следна статијаPixelbook Go е поевтина верзија од лаптопот на Google кој работи на Chrome OS
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.