Недостаток на интернет прелистувачи на пазарот не само што нема, може слободно да се каже дека има и поголем избор од потребното. Достапни се неколку главни играчи, но доста поголем број на прелистувачи направени на основа на технологијата зад главните.
Покрај ваквата ситуација, Google Chrome продолжува да ја зголемува својата популарност, па според статистиката од Statcounter овој прелистувач во август ја поминува границата од 70% на удел на десктоп.
За споредба, во август минатата година Chrome имал пазарен удел од 64,54%, а во август оваа година тој процент изнесува 70,31%.
На второ место според бројките на Statcounter е Microsoft Edge со пазарен удел од 11,8%, по што следи Safari со 6,34%, па Firefox со 4,94%, како и Opera и Brave со пазарен удел од 2,06%, односно 1,48%.
Не би знаел која е причината за зголемувањето на пазарниот удел, но можам да дадам претпоставка. Поголемиот број на прелистувачи на пазарот мислам дека прави дополнително да се цени едноставноста на Chrome, а тука секако е и компатибилноста на страните со овој прелистувач, нешто што доаѓа поради и претходно големиот удел.
Да ги земеме Microsoft и нивниот Edge како пример. На почеток, мислам на Chromium верзијата, Edge беше одлична алтернатива на Chrome, но сега е преполнета апликација со секакви непотребни функции, а на прво место може да се додаде и вештачката интелигенција.
Тука се и неколку нови прелистувачи кои се направени целосно за ова време на вештачка интелигенција, а ќе видиме дали тие во годините што следат ќе успеат да земат дел од пазарниот удел на Chrome.
Доказ дека можеби корисниците се заситени од форсирањето на вештачката интелигенција во сите можни делови е Vivaldi прелистувачот, од каде најавија дека тие не планираат да додаваат вакви функции, барем додека тие не бидат направени како што треба и корисни.