Samsung вчера го одржа нивниот Galaxy Unpacked настан на којшто ги претставија петте моќни уреди, како што најавија и претходно. Иако секој од уредите има зошто го привлекува вниманието посебно, сепак настаните во август сме навикнати да ги гледаме како настани за претставување на Note серијата.

Новата Note серија доаѓа со два модели, иако до пред некоја недела шпекулациите цело време укажуваа на тоа дека ќе бидат три модели, исто како кај S20 серијата. Galaxy Note20 и Galaxy Note20 Ultra се двата нови модели од серијата и овие телефони доаѓаат со доволно новини за да може да се „оправда“ надградбата која би ја направиле корисниците, па дури и тие со ланските модели.

Од Samsung главниот акцент го ставаат на новите и подобрени можности на S Pen кое сега има „осетливост“ од само 9ms, нешто што пишувањето на екранот на Note20 ќе го направи скоро исто како на хартија. Ова посебно ќе биде истакнато кај Note20 Ultra моделот кој доаѓа со екран со стапка на освежување од 120Hz, па корисниците кои ја почитуваат Note серијата поради достапноста на S Pen, сега ја имаат најголемата причина зошто да го купат најновиот и најдобриот модел.

Покрај ова подобрување, S Pen добива и нови функции кои му овозможуваат на корисникот да продолжи да го користи пенкалцето и за навигација низ системот, нешто што претходно мораше да се прави во комбинација. Сега, корисниците со испишување на одредени „гестикулации“ ќе можат да се вратат назад, да отидат на главниот екран, да ги видат скоро отворените апликации, исто како што тоа се правеше со стандардното користење на телефонот со прстот.

Новините кои ги има S Pen можете детално да ги видите во следните две видеа од Samsung.

Galaxy Note20 серијата доаѓа и со можност за безжично поврзување со монитори и телевизори, вклучувајќи го DeX корисничкиот интерфејс. Со тоа се добива ново ниво на работа со повеќе апликации и активности во исто време, а од Samsung даваат добар пример за следење на видео на телевизорот, притоа пишувајќи белешки.

Исто така, белешките сега може автоматски да се подредат во линија, па доколку пишувате не баш како што треба, Note20 ќе го израмни вашиот ракопис. Покрај тоа Note20 телефоните добиваат уште поголема интеграција со Microsoft 365 сервисот, па белешките кои се прават со S Pen може да се прикажат и во OneNote, како и во Outlook на Android.

Тоа што посебно би го истакнале кај новите модели е нивниот освежен дизајн. Иако на прв поглед може да се каже дека промените се минимални, сепак не би се сложиле. Додавањето на новата мистично бронзена боја во мат изведба на која нема да се гледаат отисоците од прстите, заедно со редизајнираниот модул за задните камери, ги прави Note20 едни од поубавите телефони на пазарот.

Инаку, двата модели работат на Exynos 990 чипсетот којшто е дел и од S20 телефоните, заедно со 8GB RAM и 256GB простор за податоци. Најновата верзија од Android се разбира дека е тука, како и 2.1 верзијата од одличниот кориснички интерфејс од Samsung, One UI.

Предната камера, која е поставена во мала дупка на средината од горниот дел од екранот е со 10 мегапиксели, а тука е и сензорот за отпечатоци кој е поставен под екранот, веќе стандардно за телефоните од Samsung.

Во другите карактеристики двата модели се разликуваат, па така Note20 доаѓа со 6,7 инчен екран со резолуција од 2.400 на 1.080 пиксели, додека Note20 Ultra доаѓа со 6,9 инчен екран со резолуција од 3.088 на 1.440 пиксели и уште поважно, стапка на освежување од 120Hz, нешто што кај Note серијата Samsung се одлучи да го овозможи само кај поголемиот модел.

На задната страна Note20 доаѓа со три камери со 12, 64 и 12 мегапиксели, додека Note20 Ultra доаѓа со камери со 108, 12 и 12 мегапиксели, како и ласерско фокусирање.

Батериите на Note20 и Note20 Ultra се со капацитет од 4.300, односно 4.500 mAh, а и двата телефони можат да се полнат брзо со 25W полнач, а овозможуваат и 9W „обратно“ полнење, односно безжично полнење на уреди кои се поставуваат на задната страна.

Претходна статијаSamsung претстави пет нови, моќни Galaxy уреди
Следна статијаHuawei започна со продажба на P40 Pro+ и на македонскиот пазар
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.