По појавувањето на првите 3D принтери кои што за почеток ја имаат можноста да креираат разни предмети од пластика, направени во софтвер за 3D моделирање, почнаа да се појавуваат и други видови од овие принтери. Па така, наместо печатење само на предмети, почнаа да излегуваат и принтери кои што се способни до одреден степен да „испечатат“ храна.
Foodini е 3D принтер во таа категорија, односно уред кој што местото ќе го најде во вашата кујна или во кујната на рестораните. Се разбира технологијата не е сеуште напредната до тој степен да овие принтери ви направат какво сакате јадење само со притискање на едно копче. На Foodini треба да се гледа како на уште еден од кујнските уреди кои што се наменети за помагање и олеснување во готвењето. Foodini доаѓа со неколку капсули кои што служат за правење, односно печатење на храната. Разликата на Foodini од другите вакви 3D принтери е токму во начинот на користење на овие капсули, кои што обично доаѓаат претходно наполнети со кашеста смеса која што потоа принтерот ја користи за готовата храна. Во случајот на Foodini овие капсули се празни и останува на вас да ги наполните со што сакате за да тој потоа може ја спреми храната за вас. Тоа овозможува користење на свежи состојки кои што вие ќе ги изберете, па затоа и храната од овој принтер се смета за покорисна за вас. Состојките кои што се ставаат во капсулите претходно треба да се припремат според неколку правила за да може да бидат искористени од принтерот.
Foodini е способен за правење на солена и блага храна. Некои од можните јадење кои што ќе може да се испечатат со овој принтер се, равиоли, бургери, пица, крекери, колачиња и слично. На предната страна од принтерот е поставен екран на допир преку кој што покрај контролите за негова работа, може да се пристапи до посебна интернет страна на која што може да се најдат голем број на рецепти и состојки за нивно правење.
Foodini моментално е во процес на прибирање на средства преку KickStarter каде што има собрано скоро 50.000 долари од потребните 100.000 на 24 дена до завршување на прибирањето, што покажува дека сумата нема да биде проблем да биде достигната.
[related_posts_by_tax title=”Можеби ќе ви се допаднат и следните статии”]