Дојде и тој ден, 14 октомври 2025 година кога официјално завршува поддршката за сѐ уште доста популарниот Windows оперативен систем, Windows 10. Тоа значи дека овој систем покрај тоа што веќе одреден период не добива нови функции, од денес нема да добива ниту безбедносни надградби.
Корисниците кои ќе продолжат да го користат Windows 10 ризикуваат со тек на време да бидат погодени од некој малициозен софтвер.
Покрај тоа, повеќето апликации со тек на време ќе престанат да бидат поддржани за овој систем, па нема да добиваат нови функции.
Сепак, дали денеска може да се каже дека навистина е крајот на Windows 10. Одговорот е не. Покрај можноста за компаниите да платат за до три години на безбедносни надградби, овој пат Microsoft им овозможи и на приватните корисници една дополнителна година поддршка.
Приватните корисници можат да се приклучат на ESU – Extended Security Updates програмата со плаќање на 30 долари, но јасно е дека ретко кој ќе го направи тоа затоа што достапна е и целосно бесплатна можност.

За приклучување на ESU програмата корисниците треба да ја имаат инсталирано најновата верзија од Windows 10, односно сите досега достапни надградби, како и да се најавени со администраторската сметка. Посебно копче ќе им биде прикажано во Windows Update делот, од каде што ќе можат да изберат да се приклучат на програмата.
Бесплатната можност за приклучување на ESU може да се искористи со најавување со Microsoft сметка во Windows 10, со што се вклучува синхронизацијата на одредени прилагодувања со серверите на компанијата, како и OneDrive.
Тоа што е добро е што корисниците можат да ги исклучат работите кои не сакаат да им бидат синхронизирани.
Не сум сигурен дали приклучувањето на оваа програма е можно преку „пиратските“ верзии од Windows 10, па тоа изгледа ќе зависи од начинот на неофицијална активација кој е направен.
Microsoft секако најмногу би сакале да го надградите својот компјутер на Windows 11, доколку е компатибилен, а доколку не е, да купите нов кој доаѓа со овој систем.
Видеото во продолжение одлично го прикажува целиот процес на приклучување на ESU програмата.