OpenAI им овозможи на сите корисници да можат да го користат нивниот „четбот“, ChatGPT, без разлика дали сакаат или не сакаат да направат корисничка сметка, нешто што досега беше услов за користење.
Ова е одлично за корисниците кои сакаат да го пробаат ChatGPT, но не сакаат да губат време за креирање на сметката, а посебно што за истата е потребно да се внесе и телефонскиот број. Ова за корисниците кои внимаваат на приватноста може да е проблем.
Со користењето на ChatGPT се добива одредено ниво на приватност, а за уште поголема приватност корисниците можат да ја исклучат опцијата која ги користи разговорите за тренирање на јазичниот модел.

Очекувано, користењето на ChatGPT без корисничка сметка доаѓа со одредени ограничувања. Корисниците ќе можат да комуницираат само преку текст, односно нема да може да користат и гласовна комуникација, а исто така нема да може да внесуваат слики или да добијат слики како одговор.
Логично, користењето на ботот без сметка значи дека нема историја на разговори, нешто што може да е доста корисно за активните корисници на ChatGPT.
Од OpenAI додаваат и дека ваквото користење на ChatGPT вклучува и дополнителна заштита од одреден вид на разговори кои би се сметале како потенцијално штетни, што и да значи тоа.
Како и досега, до ChatGPT може да се пристапи преку chat.openai.com, по што веднаш се добива пристап до можност за разговор, а тука е и можноста за најава или креирање на нова сметка.
Пуштањето на оваа новина следува за сите земји каде е достапен ChatGPT, повеќе од 185, а од компанијата најавуваат дека истото е постепено, што значи дека може да треба да се причека некој ден.