Од оваа недела, поточно вчера, Google официјално ја пушти финалната верзија од наредната генерација од Android, верзијата Android 16. Ова е најрано досега да биде пуштена надградбата на Android, а тоа обично се случуваше во есен или во август во најдобар случај. 

Дали ова ќе значи порано пуштање на надградбата на своите системи од производителите, како Samsung на пример, ќе видиме во месеците што следат. 

Android 16 не е огромна надградба, но сепак донесува доволно корисни новини, а тука е и основата за Material 3 Expressive дизајнот кој изгледа одлично. Сепак, целосното пуштање на сите новини кои ги донесува овој дизајн ќе биде нешто подоцна, а разликата која ќе ја направи во корисничкото искуство според мене е голема. 

Една од најдобрите новини кои ги донесува Android 16 е Live updates функцијата која донесува известувања кои прикажуваат информации во живо, односно се ажурираат во вистинско време. Оваа функција е одлична за апликациите како тие за достава на храна, следење на пакети, летови и слично, па наместо отворање на апликацијата на секои 5 минути, корисниците сега ќе можат да го следат статусот од самото известување на екранот и преку горната лента кога е отклучен телефонот.

Оваа новина ја има на iOS веќе неколку години и е наречена Live Activities. 

Android 16 донесува уште едно подобрување поврзано со известувањата, а тоа е групирање на известувањата од иста апликација, со што ќе се добие доста поорганизиран простор. 

Втората голема новина која доаѓа со Android 16 е слична на Samsung DeX, односно Android сега добива вградена способност за прилагодување на корисничкиот интерфејс кога се користи поголем екран, односно на пример таблет компјутер. 

Корисниците ќе можат да ја менуваат големината на прозорите и да ја прилагагодуваат исто како да користат десктоп компјутер. 

Оваа новина не е достапна веднаш, па се очекува до крајот на годината. 

Корисниците со Android 16 добиваат и подобрена безбедност на нивниот уред преку новата Advanced Protection функција дел од Privacy & Security делот. 

Преку овој нов и унифициран дел се добива можност за менаџирање на безбедноста  на уредот со заштита од работи како онлајн напади, штетни апликации, небезбедни веб страни, спам повици и повеќе. 

Android 16 донесува и подобрување на функциите достапни со слушните апарати, кратенки за тастатурата и повеќе, а целосната листа од Google е достапна тука.  

ИЗВОРGoogle
Претходна статијаmacOS Tahoe 26 ја донесува најголемата надградба на Spotlight досега
Следна статијаБЕСТ Скопје: Зачекори во светот на сајбер иднината
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.