Фото: Shutterstock.com

Секоја нова технологија носи скептицизам и полемики, што е случај и со воведувањето на 5G технологијата и нејзиното влијание. Со развојот и имплементирањето на 5G, во светот, но и кај нас, постојано се вршат мерења на зрачењето и досега нема докази за негативни влијанија врз здравјето.

„Резултатите од тековните научни истражувања за можните здравствени ризици од изложеноста на РФ ЕМП покажуваат дека нема евидентни негативни влијанија врз здравјето доколку изложеноста остане под граничните нивоа на изложеност, утврдени со сегашните меѓународни упатства. Официјалниот став на Светската здравствена организација е дека, со оглед на многу ниските нивоа на изложеност и резултатите од истражувањата собрани до денес, нема убедливи научни докази дека слабите РФ сигнали од базните станици и безжичните мрежи предизвикуваат негативни влијанија врз здравјето“, се наведува во истражувањето на АЕК.

АЕК спроведе истражување и на тестната 5G мрежа што ја постави Македонски Телеком во 2019 година и објави Извештај од мерењето на нејонизирачкото зрачење, којшто покажува дека вкупното зрачење е само 15% од максимално дозволената гранична вредност.

„Сомнежите за штетноста од 5G по здравјето на граѓаните нè поттикна заедно со професори од Електро-техничкиот факултет при УКИМ и научници и професори од истиот факултет во Љубљана, Словенија, како и Институтот за нејонизирачко зрачење од Љубљана, да го истражиме влијанието на зрачењата од телекомуникациските уреди“, истакна Д-р Борис Арсов, Раководител на Секторот за телекомуникации во АЕК. „Истражувањето покажа дека секоја пософистицирана опрема зрачи помалку, што значи дека 4G зрачи повеќе од 5G, или пак дека обичните мобилни телефони во моментов зрачат повеќе од 5G мрежата. Истражувањето е направено во европските земјите коишто користат 5G и во Словенија, и покажало дека нема штетни последици по здравјето на луѓето“, додаде Проф. Арсов.

Колку се подготвени домашните оператори за имплементацијата на 5G?

Македонски Телеком се подготвува за имплементацијата на 5G неколку години наназад. Во 2018 година, го изведе првото 5G демо во Македонија, а следната година ја постави и првата тестна 5G мрежа во Скопје и Охрид. Годинава Телеком објави дека ја модернизира мобилната мрежата на целата територија, со што ќе се овозможат реални услови за воведување на новата технологија. Со сите овие подготовки, Телеком во моментов има капацитет целосно да го покрие Скопје со 5G веќе во вториот квартал од 2022 година, што е цела година пред очекувањата утврдени во националната стратегија со која се предвидува покривање на најмалку еден поголем град до крајот на 2023 година.

Операторот А1 објави дека поставил тестна мрежа во центарот на  Скопје, со која ќе ги тестира брзините и фреквенциите на 5G во реално време.  Конечните резултати од тестирањата на овој оператор ќе бидат познати во периодот којшто следи.

Резултатите од првата фаза на тестирање ги потврдија очекувањата и можностите на 5G технологијата во насока на остварување поголеми брзини, многу ниски латенции и можност за поврзување на интернет на огромен број уреди, односно иновативни апликации на петтата генерација безжична технологија.

Во јуни годинава, АЕК ја стартуваше постапката за објава на тендер со којашто ќе додели одобренија за користење радиофреквенции за петтата мобилна генерација 5G. Мобилните оператори работат на поставувањето на уредите, а дозволата за локацијата ја добиваат од општините. Па така, освен 5G покривање на најмалку еден поголем град до крајот на 2023 година, националната стратегија предвидува:  до крајот на 2025 година, автопатите и магистралните патишта, а до крајот на 2027 година, сите градови во државава би требало да го користат најновиот комуникациски стандард. Секој поединец ќе има можност за пристап до интернет преку 5G до 2029 година, истакнуваат од АЕК.

Експертите во земјава се едногласни дека придонесот од 5G ќе биде голем. Апликативната примена на 5G мрежата ќе биде забележлива во автоматизацијата на процесите и активностите во индустријата, енергетиката, земјоделството, автономните возила и навигацијата, па дури и во медицината. Таа ќе овозможи да се поедностави процесот на создавање паметни градови и паметни домови, што на граѓаните ќе им понуди еден поразличен стил на живот, преку синхронизирано функционирање заедно со технологијата.

Претходна статијаКако да го инсталирате Windows 11 на некомпатибилен компјутер
Следна статијаSamsung Galaxy A52s 5G jа заокружува A приказната