Скопје, 25 јуни 2025 – Во рамки на тридневната фестивалска програма, која започнува на 26.06.2025 година (четврток), почесни награди ќе им бидат доделени на тројца истакнати филмски професионалци од македонската филмска индустрија:
- Јордан Симонов, истакнат филмски актер: Роден на 10 септември 1966 г., во Скопје. Дипломира на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на Факултетот за драмски уметности, Скопје, на отсекот за актерска игра во класата на проф. Димитрие Османли (1992). Во 2015 г. завршува постдипломски студии на истиот факултет, отсек: театарска режија кај проф. Слободан Унковски. Од 1997 работни во Македонски народен театар – Скопје.
- Роберт Јанкуловски, директор на фотографија, ќе ја добие наградата за истакнат филмски автор. Јанкуловски е роден е во Прилеп, 1969 година. Дипломирал на факултетот за Драмски уметности во Скопје на катедрата по камераво 1997 г., а магистрирал во 2011 на Универзитет за аудиовизуелни уметности – ЕСРА во Скопје. Основач е на Македонскиот центар за фотографија. Реализирал 36 самостојни изложби и учествувал на голем број групниизложби насекаде во светот. Добитник е на неколку награди од областа на визуелните уметности и филмот и носителна титулата Витез од областа на уметноста и книжевноста, доделен од Министерството за култура на Франција. Вомоментов е редовен професор на Факултетот за филмски уметности при Интернационалниот универзитет “ЕуропаПрима” во Скопје.
- Алисија Ферро, истакнат филмски работник: Во својата богата кариера од над 30 години како скриптерка и секретар на режија, има работено на повеќе од 60 краткометражни и долгометражни играни и документарни филмови од кои значаен дел се добитници на значајни филмски признанија.
Седмото издание на филмската ревија „Златна рамка“ – Денови на македонскиот филм, во организација на Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ), ќе се одржи од 26. до 28. јуни, во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар (МКЦ). Во текот на трите фестивалски денови, „Златна рамка“ ќе биде централното случување кое ќе ги обедини филмските професионалци, авторите, актерите и љубителите на седмата уметност на едно место.
Како дел од овогодинешното издание, на 26 јуни ќе се одржи и пригоден настан во чии рамки ќе бидат доделени почесните награди „Златна Рамка“. Воедно, во знак на јубилејот 75 години постоење на Друштвото на Филмски Работници на Македонија, на овој настан постхумно ќе бидат доделени и 7 плакети на професионалци кои со својата работа оставиле значаен траг врз македонската кинематографија: Јован Бошковски, Кирил Билбиловски, Никола Лазаревски – Никица, Јордан Јаневски, Делчо Михајлов, Ѓорѓи Ѓорѓиевски – Џокер и Милосав Крстевски – Ага.
„Златна рамка“ е филмска ревија иницирана како дел од стратешката програма за афирмирање на филмската уметност и домашната продукција и ги отсликува вредностите и континуираната мисија на Друштвото на Филмски Работници на Македонија – унапредување на професионализмот, поврзување на филмската заедница и отворање нови перспективи за креативниот израз.
Оваа година, „Златна Рамка“ покрај ретроспективата на едногодишното филмско творештво во Македонија, има уште подлабоко значење, како симболичен осврт на седум и пол децении фокус и афирмација на македонскиот филм, од првите документарни и играни филмови, до современи мозаик приказни, преку кои ДФРМ го трасира патот на македонската кинематографија на домашната и меѓународната сцена.
ДФРМ, основано во 1950 година, останува темел на професионалното организирање, афирмација и заштита на филмските работници во Македонија. Во изминатите 75 години, Друштвото беше двигател на клучни иницијативи и реформи во домашната кинематографија, вклучувајќи го основањето на фестивалот „Браќа Манаки“ и изборот на македонскиот кандидат за Оскар. Овој значаен јубилеј претставува прослава на историјата на македонскиот филм и сите оние кои до сега биле дел од него, но уште поважно, е и поттик за нова фаза на креативен развој и интернационална позиционираност на македонскиот филм.
