Скопје, 1 јули 2025 – На 3 јули, во Кинотеката на Македонија започнува специјалната филмска програма во чест на 75 години од основањето на Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ). По тој повод, публиката ќе има можност да ја проследи јубилејната филмска ревија од избрани македонски филмови кои оставиле длабока трага во нашата кинематографија.
Сите љубители на филмската уметност, во месец јули, во период од 3 до 18 јули, со почеток од 20:00 часот во Кинотека на Македонија ќе може да погледнат филм по нивен избор од култните класици, документарните бисери, анимираните филмови и современите остварувања кои го одразуваат богатството, развојот и културната вредност на домашната, македонска продукција.
„Јубилејната филмска ревија претставува потсетување на 75 години активна работа на Друштвото на Филмски Работници на Македонија и истовремено – почит кон сите генерации визионери, филмски автори, актери, филмски работници и соработници кои низ сите овие години ја граделе и сѐ уште ја градат македонската кинематографија. Ревијата отвора простор за средби, дијалози и нови идеи за иднината на седмата уметност во нашата држава. Во време кога вниманието е фрагментирано, јубилејната ревија нѐ потсетува дека добриот филм останува моќна сила – да нѐ трогне, инспирира и обедини.“ – изјави Игор Иванов – Изи, Претседател на Друштвото на Филмски Работници на Македонија.
Програмата ќе биде отворена со два филма на Столе Попов – поетскиот документарец „Дае“ (1979), портрет на последните Роми-номади и култниот „Тетовирање“ (1991), првиот македонски филм кандидиран за Оскар.
Во следните денови, публиката ќе може да ги проследи:
- 4.07.2025: „Денес треба нешто да се случи“ (1978); „Црно семе“ (1971)
- 10.07.2025: „Една“ (2019)
- 11.07.2025: „Јас Блага Мицанова“(1977); „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ (2019)
- 17.07.2025: „Оган“ (1974), „Исцелител“ (2017)
- 18.07.2025: „Бубачки“ (2004), „Медена земја“ (2019)
По јулските проекции, филмската ревија во Кинотека ќе продолжи во септември, по завршувањето на летните одмори. Кинотеката на Македонија ги отвора вратите за сите љубители на филмската уметност и домашниот филм. Сите проекции се бесплатни.
Во рамки на одбележувањето на 75 годишнината од основањето на Друштвото на филмски работници на Македонија, покрај ревијалната програма во Кинотеката на Македонија, ќе се реализира и телевизиско емитување на домашни филмови. Секоја сабота во текот на јули, точно напладне, на програмата на Сител ТВ ќе се прикажува по еден македонски филм: на 5 јули – првиот македонски долгометражен игран филм „Фросина“, на 12 јули – првата македонска филмска комедија „Мирно лето“, на 19 јули – „ХајФај“ и на 26 јули, во сеќавање на катастрофалниот скопски земјотрес, документарниот филм „1963“.