26-годишната Мартина Јаческа е од Пробиштип. Во период од шест месеци, во рамки на нејзина иницијатива, таа го следеше спроведувањето на даденото ветувањето на Владата за отворање на младински културни центри – обврска за општините која произлегува од спроведувањето на Законот за младинско учество и младински политики. 

Преку нејзината младинска иницијатива наречена „МојПростор!“, чија цел е младите да се информираат за тоа што се младински културни центри и како младите директно да се вклучат во процесот на барање отчет од власта и исполнување на дадените ветувања, Мартина успеа да мобилизира група млади луѓе со кои заедно организираа работилници, герила акции и средби со локалните политичари. Првичните резултати веќе се постигнати. Еден од таквите примери е општина Пробиштип, каде Мартина разговараше со кабинетот на градоначалникот и Домот на култура за отворање на Младински центар, при што е договорено една од просториите да се пренамени во Младински центар / простор за младински активности. Поради претстојните локални избори и неможноста во моментов да се пренаменат општински средства за реновирање и опремување на Младинскиот центар, овој процес ќе се финализира по изборите.

„Секој млад човек заслужува простор во кој ќе може да ги реализира сите свои иницијативи. Токму младинските центри се вистинското место на кое ние младите ќе може да споделуваме идеи, да работиме на заеднички проекти, место на кое ќе дојде до израз нашиот креативен потенцијал. Но, затоа мора да бидеме погласни и да си ги кажеме нашите потреби. Промената мора да ја иницираме ние самите, а како млади имаме обврска да бидеме активни и да се бориме за остварување на заедничките цели кои ќе ни овозможат подобар живот во нашите општини,“ вели Мартина Јаческа, иницијаторка на проектот „МојПростор!“.

16 млади луѓе од осум различни региони 6 месеци ги следеа ветувањата на Владата дадени во рамки на Програмата за работа на Влада 2020-2024 година и спроведоа иновативни иницијативи за зголемување на граѓанскиот ангажман и јавна одговорност на локално ниво. Тие се дел од првата генерација мобилизатори во заедницата поддржани во рамки на Проектот „Поддршка за изборни реформи“, а нивна задача е преку различни активности, иницијативи и канали да ја информираат и мобилизираат локалната заедница со цел активно следење на работата на Владата и реализираните ветувања. Само во првите месеци од 2021 година, повеќе од 1.500 граѓани беа вклучени во дебати и работилници во рамките на овие иницијативи, односно се информираа за прашања и можни решенија поврзани со теми важни на локално ниво. Во моментов, втората генерација сочинета од 24 мобилизатори на заедницата од сите развојни региони во државата активно го мониторираат исполнувањето на владините ветувања и преку иновативни иницијативи ги мобилизираат граѓаните да бараат отчет од власта за сработеното.

„Наша цел е преку поддршка на локални иницијативи од различни групи во општеството, да поттикнеме реформи во изборниот процес и поголема инклузија на младите, и граѓаните воопшто, во политичкиот живот во земјата. Сакаме што повеќе млади луѓе и граѓани да станат свесни дека имаат право да ги повикаат на одговорност институциите и политичките чинители за целосна реализација на дадените ветувања. Неопходно е младите да бидат гласни во своите барања, но и во спроведувањето на конкретни иницијативи бидејќи тие се иднината на оваа земја и сегашни носители на промени. Нè радува тоа што овој проект кој го започнавме пред само две години, веќе дава конкретни резултати и реформи кои се спроведуваат. Ние ќе продолжиме активно да го поддржуваме изборниот процес во Северна Македонија и веруваме дека овој проект ќе успее да направи разлика од која бенефит првенствено ќе имаат сите граѓани, а особено младите луѓе “ вели Јоана Козма, менаџер на проектот.

Повеќе инфо за Проектот: “Поддршка на изборните реформи во Република Северна Македонија” е проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ) и има за цел да ги поддржи демократските и веродостојни изборни процеси кои го олеснуваат политичкото учество и социјалната интеграција со тоа што на гласачите им овозможуваат да ги изберат своите претставници и од нив да бараат отчетност. Проектот цели кон зајакнување на институциите вклучени во изборни процеси, внатрешно демократизирање на политичките партии и едукација на граѓаните. Активностите воглавно се насочени кон три различни таргет групи, и тоа: 1) изборната администрација преку директна поддршка на Државната изборна комисија; 2) политичките партии преку директна поддршка на иницијативи на млади членови и активисти кои работат на проекти наменети за граѓаните; и 3) граѓанскиот сектор преку директна поддршка на млади мобилизатори во заедницата. Десетгодишниот проект кој стартуваше во 2019 година е имплементиран од страна на Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС) во партнерство со Националниот младински совет на Македонија.

Претходна статијаНацрт-предлозите на Македонија отстапуваат од општите принципи на правото на ЕУ
Следна статијаHUAWEI MatePad 11 со HarmonyOS и стапка на освежување од 120 Hz сега е достапен на македонскиот пазар во пакет со пенкало и тастатура