Здружението на информатичарите на Македонија, односно неговите членови, со години се бориме образованието во нашата земја да е во тек со светските трендови – во областа на информатиката, се разбира. Во изминатите десетина години успеавме да воведеме модерни содржини од информатиката во нашата настава, започнувајќи со учениците во трето одделение кои сме убедени дека се неопходни во денешно време. Нашите убедувања се базирани на следење на трендовите и компаративни анализи на проблематиката низ целиот свет. Во продолжение ќе изложиме дел од фактите околу актуелната состојба со информатичкото образование, нашите мислења за новата предложена концепција и нашите предлози.

Актуелна состојба во Македонија и во развиените земји

Со воведувањето на предметот „Работа со компјутер и основи на програмирањето“, или на англиски накратко кажано „Computing“, во 2015. година Македонија се вброи во првите 10-15 земји кои таа година, или само година претходно ги воведоа истите содржини во задолжителната настава за нивните најмлади ученици. Веќе следните години уште 30-тина земји го направија тоа.

Една од првите земји кои ги воведоа овие содржини во наставата беше Обединетото кралство. Како пример, може да се погледнат принципите за Computing кои се донесени од вадата на Обединетото кралство во 2013.

Исто така, во документ од 2016. година  во следниот документ од Европската комисија се прави преглед на воведувањето на информатичкото размислување (англ. computational thinking) во земјите од Европската унија. Овој документ, заедно со Интернационалната студија од 2018 за компјутерска и информациска писменост се наведени во Акцискиот план за дигитална едукација на ЕУ (2021-2027) кој го споменувате во преамбулата на новата концепција за основно образование.

Информатичкото размислување, според истражувачите во областа, во последните 10-15 години се смета како дел од основната писменост за секоја единка, и се додава како четврта вештина на трите R (reading, writing, arithmetic skills). Огромна успешна иницијатива за воведување на елементарно пишување код во основното образование се спроведува во САД од 2013 година, наречена Hour of code. Промотивните видеа на иницијативата вклучуваа видни личности од науката и политиката, а меѓу нив беше и тогаш актуелниот американски претседател Барак Обама.  Дел од промотивните видеа се дадени тука.

Осврт на новата концепција

Со новиот концепт кој што е изложен, наместо да се оди во насока на зајакнување на условите за реализација на воведените информатички содржини (преку обуки на наставниците, набавка на соодветен хардвер и софтвер, изнаоѓање на креативни решенија за задржување на информатичарите во образованието) се оди неколку чекори наназад и се брише и тоа што претходно е постигнато.

Дури и земјите од нашето опкружување изминативе неколку години, дел и според нашиот урнек започнаа со воведување на информатичките теми во нивните наставни планови, а само ние ќе одиме наназад.

Насловот на предметот „Техника, технологија и информатика“ спојува многу различни, во делови и несродни области. Можеби кога се употребува технологија комисијата мисли на информатичко-комуникациската технологија, но тоа во општа смисла не е така. Уште повеќе, таквиот предмет се става во таканаречена „Група Б“ задолжителни предмети, во која покрај тој предмет се предметите од уметностите и физичкото образование.

Во која насока треба да се размислува во однос на информатиката во македонското образование

Сите измени на националните наставни планови кај сите земји главно се базираа на тоа дека беше препознаена потребата на учениците да им се даде добра основа уште од најмала возраст за да тие бидат способни да ја изберат информатиката како нивна идна професија. Тоа овозможува земјата да има голем и профитабилен информатички сектор, кој не само што згрижува значаен дел од работната сила, туку за нив обезбедува високи примања, за државата овозможува раст и зголемен извоз, како и висок приход во пензискиот систем. Изборот да не се инвестира во образованието во оваа област претставува отсекување на значајна фигуративна гранка на која седиме и сакаме во иднина да седиме.

Информатиката е наука, а изградбата на информатичко општество се потпира на квалитетен информатички кадар. Ако немаме добри информатичари како ќе ги градиме платформите за дигитално учење, на пример? 

Информатичката писменост е неопходна за секој современ граѓанин. Ако немаме информатички писмени граѓани, кој ќе може да ги користи изградените платформи?

Како што усвојувањето на јазикот е задача на наставниците по јазик (мајчин или странски), како што усвојувањето на математиката е задача на наставниците по математика, така и темите од информатичката наука и информатичката писменост треба да бидат задача на стручни кадри, наставници по информатика. Со брзиот развој на информатиката, наставниците по информатика треба да бидат значајна поддршка и на одделенските наставници во реализација на темите од информатика во пониските одделенија.

Апелираме да не се оди со избрзани решенија, а особено се противиме на укинувањето на претходно воведените теми од информатика во раната возраст.

Апелираме да се направат напори информатиката да се изучува во континуитет од трето до деветто одделение, со особена промоција на името на предметот, како би се дал фокус и би се заинтересирале што повеќе ученици да ја изберат информатиката како нивна идна професија.

Апелираме да не се класифицира информатиката во таканаречена „група Б“ задолжителни предмети, кога е јасно дека е подмножество од STEM. 

Членовите на Здружението на информатичари на Македонија меѓу кои универзитетски професори, истражувачи во областа, наставници во основно и средно образование, претставници од индустријата како и до сега, со своите експертизи стојат на располагање за воведување на значајни, суштински и напредни реформи во образованието, кои ќе доведат до развој на нашата земја.

Претходна статијаSamsung BESPOKE линијата на фрижидери за прв пат на CES 2021
Следна статијаGoogle Chrome 88 е првата верзија од прелистувачот без Flash