Скопје, 20 мај 2022 – Противпожарните единици во Кавадарци и Неготино добија нова опрема преку проект за меѓуопштинска соработка кој се реализира со поддршка на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и Бирото за регионален развој. Новата професионална опрема која се состои од 22 одела за пожарникари, интервенциска опрема и нуркачка опрема со моторен чамец беше официјално предадена во употреба денеска, на Денот на пожарникарите во Република Северна Македонија. Активностите за меѓуопштинска соработка се дел од проектот „По КОВИД: Општините како двигател на одржливиот развој“.  

„Примарна цел на проектот е зајакнување на капацитетите на двете општини преку воспоставување на меѓуопштинска соработка како и зајакнување на капацитетите на двете територијални противпожарни единици на полето на менаџирање и справување со кризи и цивилна заштита“, изјави градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев.

„Навистина ми претставува задоволство што успешно ја реализиравме првата официјална меѓуопштинска соработка помеѓу двете општини, која со финансиската поддршка од 2.800.000 денари ќе придонесе за подигнување на степенот на подготвеност на противпожарните единици во Неготино и во Кавадарци“, истакна градоначалникот на Неготино, Горан Стојанов.

Преку проектот „По КОВИД: Општините како двигател на одржливиот развој“ поддржани се вкупно седум проекти за меѓуопштинска соработка во пет плански региони во државата. Проектите се со фокус на дигитализација на општинските услуги, цивилна и противпожарна заштита, родови прашања, агробизнис и локален економски развој.

„Општините коишто се одговорни за испорака на најсуштинските услуги, минатата година беа изложени на дополнителни трошоци за да обезбедат услови за елементарна заштита и помош на граѓаните. За да ги поддржиме нивните напори презедовме заедничка акција за поддршка во обезбедувањето на виталните услуги за граѓаните преку имплементирање дополнителни мерки, со цел да се намалат последиците, но и да создадеме пост-ковид амбиент во кој општините ќе можат посилно да го придвижат својот развој“, рече Рамиз Реџепи, директор на Бирото за регионален развој.

УНДП во изминатите неколку месеци, преку своите проектни активности, поддржа 17 територијални противпожарни единици низ целата држава со донација на теренски возила, лична интервентна заштитна опрема, колективна интервентна опрема, нуркачка опрема и специјални дронови.

„Градењето отпорни заедници е исклучително важен сегмент од нашата мисија и голем број од активностите на УНДП во Северна Македонија се посветени на оваа конкретна цел. Свесни сме дека безбедноста е од огромно значење за граѓаните и има драгоцено влијание врз квалитетот на живот на локално ниво. Токму затоа

УНДП обезбеди висококвалитетна и современа опрема за вкупно 17 територијални противпожарни единици низ целата држава. Веруваме дека луѓето кои секојдневно си го ризикуваат животот треба да имаат пристојни услови за да можат професионално да ја вршат својата работата“, порача Армен Григорјан, Постојан претставник на УНДП.

Главната цел на проектот „По КОВИД: Општините како двигател на одржливиот развој“ е да обезбеди регионален и локален развој кој ќе биде инклузивен, родово-сензитивен и заснован на докази преку воведување иновативни алатки за меѓуопштинска соработка во најнеразвиените општини, чии заедници се најсилно погодени од пандемијата со COVID-19.

Претходна статијаПрвата тест верзија од новиот Outlook достапна за тестирање
Следна статијаЕвропското првенство во танци 2022 ќе спои 20 земји од Европа во Ист Гејт Мол