Фото: Depositphotos

Вредност на реализирани трансакции

Согласно најновите објавени податоци за трансакции на места на продажба за е-трговија (со исклучок на трансакциите со електронски пари) на Народната банка на Република Македонија во првите три месеци од 2025 година вредноста на вкупните трансакции направени кон интернет продавниците од Македонци дома и во странство, како и од иматели на странски картички изнесува 13.119,6 милиони денари или 213,3 милиони евра и преставува пораст од 25,4% во однос на истиот период минатата година.

При тоа, кон македонските е-трговци биле направени онлајн трансакции во вредност од 8.192,9 милиони денари или 133,2 милиони евра од домашни и странски иматели на платежни картички со пораст од 21,7% во однос на истиот период минатата година. Само од македонски иматели на платежни картичи кон домашните е-трговци направена е вредност од 7.452,3 милиони денари или 121,2 милиони евра односно 20,2% повеќе во однос на истиот период минатата година, додека странците кон македонските е-трговци направиле трансакции во вредност од 740,1 милиони денари или 12,1 милиони евра односно оствариле 40,3% пораст. Од друга страна Македонците во странство направиле онлајн трансакции од 4.926,6 милиони денари или 80,1 милиони евра што преставува пораст од 32% во однос на минатата година.

Вредност на остварени онлајн трансакции во К1 2024 и 2025 и остварен пораст
Извор: НБРСМ

Број на реализирани онлајн трансакции

Вкупната вредност е остварена со направени 6,1 милиони онлајн трансакции што е за 18,3% повеќе во однос на минатата година. Притоа кон македонските е-трговци бројот на направените е-трансакции изнесува 3.652,3 илјади и е за 8,3% повеќе во ондос на истиот период лани. Најголем пораст на бројот на направените е-трансакции од 37% е забележан од домашни иматели на платежни картички кон странски е-трговци.

Број на остварени онлајн трансакции во Q1 2024 и 2025 и остварен пораст
Извор: НБРСМ

„Вредноста на вкупните реализирани онлајн трансакции во првиот квартал бележи раст од 25,4%, додека кон домашните е-трговци растот е 21,7%, а растот со домашни картички кон странски е-трговци изнесува 32%. Ако земеме предвид дека ова се први податоци во кои се вклучени и трансакциите кон Тему, може да констатираме дека и растот кон домашните е-трговци, како со домашни и така со странски картички е на солидно ниво. Што се однесува до бројот на трансакции очекувано, растот кон домашните е-трговци е значително помал од оној кон странските, и изнесува 7% (дома) спрема 37% (кон странство). Имајќи предвид дека тука се отсликува улогата на Тему каде што се прават повеќе но помали трансакции, просечната вредност на трансакција кон странските се намалила од 34 на 33 евра. Тему кој за сега нуди единствено плаќање со картичка, влијае во насока на едукација на потрошувачите да плаќаат со картички, што е важно за зголемување на дигиталните вештини и вештините за дигитални плаќања. Преференцата за плаќање во готовина се уште доминира на македонскиот пазар, а потребно е забрзувње на транзицијата кон безготовински плаќања, што воедно може да влијае и на намалување на сивата економија која е значаен предизвик за е-трговијата и целокупната економија. Инаку Европската комисија води бројни дискусии во врска со влијанието на Тему, милионите мали пратки кои пристигнуваат и нивното влијание врз околината, одржливоста и целокупно економија.” – вели Претседателката на АЕТМ, д-р. Нина Ангеловска Станков.

Просечна вредност на трансакција

Анализата на просечната вредност на онлајн трансакциите во првиот квартал од 2025 година покажува различни движења по категории, кои може да се разберат во контекст на веќе забележаниот раст во вкупната вредност и бројот на трансакции. Кај трансакциите од домашни картички кон домашни е-трговци, просечната вредност пораснала од 32 на 36 евра односно 12,4%. Овој тренд е во согласност со зголемената вредност на трансакциите (+20,2%) и релативно мал пораст на бројот на трансакции (+7%), што укажува дека македонските потрошувачи трошат повеќе по трансакција кај домашните продавници, веројатно заради зголемена понуда, доверба и навики. Кај странски картички кон домашни е-трговци, просечната вредност се зголемила од 37 на 41 евра (+10,3%), што повторно е во согласност со порастот и на вредноста на трансакциите и бројот на трансакции. Спротивно на тоа, кај трансакциите од домашни картички кон странски е-трговци, просечната вредност бележи намалување од 34 на 33 евра (-3,7%), иако вкупната вредност пораснала за 32%, а бројот на трансакции дури за 37%. Овој пад на просечната вредност по трансакција се објаснува со масовниот пораст на купувања со пониска вредност, во главно поттикнати од Temu, која нуди ниски цени и бесплатна достава. Тоа доведува до зголемен број на помали трансакции, што ја намалува просечната вредност, иако вкупната активност драстично се зголемила. Вкупно, просечната вредност на онлајн трансакциите пораснала од 33 на 35 евра (+6,1%).

Просечна вредност на остварени онлајн трансакции во Q1 2024 и 2025 и остварен пораст
Извор: НБРСМ

Повторливи (recurring) онлајн трансакции

Според усогласувањето на извештаите во податоците од доменот на платежната статистика со Законот за платежни услуги и платни системи се известува и за повторливи онлајн транскации (Recurring payments) кои може да се однесуваат за плаќање на сметки или претплати за најразлини услуги. Тие најчесто се однесуваат на: претплати (на пример за Netflix, Spotify, Microsoft, Apple, ChatGPT и сл.), комунални услуги (струја, интернет, телефон), членарини (фитнес, професионални здруженија), автоматски обновувања на услуги и лиценци.

Во првиот квартал на 2025 година се забележува раст на повторливите трансакции и тоа кај трансакциите од домашни картички кон домашни е-трговци има раст од 29% во вредноста и 18% во бројот на онлајн трансакции, а од друга страна, трансакциите од домашни картички кон странски е-трговци, бележат раст од 29% по вредност, но и значителен скок од 43% по број на трансакции. Сѐ поголем број Македонци користат претплатнички услуги, како што се дигитални содржини (стриминг платформи, софтвер), но и претплати на комунални услуги и се одлучуваат за автоматско плаќање со платежни картички, наместо традиционални уплати.

Нови отворени е-продавници

Во текот на првото тромесечје од 2025 година, регистрирани се 65 новоотворени онлајн продажни места, што претставува значаен показател за зголемена понуда и заинтересираност на бизнисите да влезат во е-просторот. Овој тренд упатува на сѐ поголема свесност кај трговците за потребата од присуство на интернет пазарот, како и на поволни услови за развој на онлајн продажбата.

Претходна статијаApple размислува да ги користи јазичните модели од Anthropic или OpenAI за новата верзија од Siri
Следна статијаIFA 2025: Samsung ги претставува најновите технолошки иновации