Европската комисија го усвои Пакетот за проширување за 2021 година заедно со извештаите за напредокот на шесте земји од Западен Балкан, вклучително и Северна Македонија. Во извештајот претставен пред Европскиот парламент во Стразбур, Европската комисија ја критикуваше блокадата за почеток на преговорите и е задоволна што Македонија продолжува да ги исполнува критериумите за членство во ЕУ и дека властите покажуваат јасна проевропска ориентација.

Во однос на електронските комуникации и информатичката технологија, во извештајот на Европската комисија понатаму се наведува дека 73,58 проценти од вкупниот број домаќинства имаат пристап до широкопојасен интернет, додека вкупната покриеност е 99,08%. Мобилната широкопојасна услуга изнесува 64,95%. Извештајот посочува и дека телекомуникациските операторите инвестирале во тестирање на 5G технологијата.

Меѓутоа, извештајот е критички настроен во однос на измените на Законот за електронски комуникации кои беа донесени во април 2021 година. „Амандманите предвидуваат нови одговорности на регулаторот во однос на претходното безбедносно одобрение за инсталирање на 5G опрема од страна на телекомуникациските оператори. Телеком операторите изразија критики за отсуството на консултации за предложените мерки. Нема понатамошен напредок за финализирање на нацрт-законот за безбедност на мрежи и информациски системи, подготвен во 2019 година. Останува и загриженоста за независноста на регулаторот за електронски комуникации и за назначувањата во регулаторната комисија и менаџментот на Агенцијата за електронски комуникации. Законот за електронски комуникации и Законот за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги треба дополнително да се усогласат со правото на ЕУ“, се наведува во извештајот на Европската комисија.

Извештајот нагласува и дека нема релевантен напредок во областа на заштитата на конкуренцијата во наведениот период и дека се потребни дополнителни напори за подобрување на конкуренцијата во телекомуникацискиот сектор.

Македонија предложи две нови мерки според подзаконскиот акт на Законот за електронски комуникации, кои настојуваат да се ограничи или исклучи употребата на опрема од провајдери на телекомуникациски мрежи кои се класифицирани како „високоризични“. Како и другите предлози за безбедноста на 5G мрежата и сајбер безбедноста во другите земји-членки на ЕУ и надвор од ЕУ, главното оправдување на Македонија е националната безбедност и потребата од заштита на критичната инфраструктура од влијанието на владите од трети земји. Новите предлози доаѓаат краток период откако АЕК ги покани телекомуникациските оператори да го искажат својот интерес за учество на планираната аукција за распределба на фреквенции за 5G мрежите во јуни 2021 година.

Многу експерти од областа на правото во земјава сметаат дека овие критериуми се спротивни на останатите локални закони и уставниот закон. Во согласност со основните принципи на правото на ЕУ, Европската комисија и земјите-членки на ЕУ го одобрија пристапот кој во целост е заснован на ризик, а земјите-членки треба да делуваат „со целосна почит кон отвореноста на внатрешниот пазар на ЕУ“. Според правните експерти, нацрт-предлозите на Македонија во денешен облик отстапуваат од општите принципи на правото на ЕУ, како и заедничкиот пристап договорен на ниво на ЕУ. Само објективно, транспарентно, правично, а посебно пропорционално регулирање на 5G мрежите може да ја заштити националната безбедност од јасно идентификуваните ризици во согласност со правото на ЕУ.

Мерките на земјите-членки на ЕУ мораат да ги решат соодветно идентификуваните безбедносни проблеми и да бидат пропорционални на целта што  сакаат да ја постигнат. Постојат помалку рестриктивни и уште поефикасни начини за ублажување на безбедносните ризици на мрежите, како што се воспоставување на заострени општи безбедносни стандарди и сертификати, зајакнати барања за интероперабилност, флексибилни обврски на повеќе провајдери од мрежни оператори, локализација на производствените капацитети, барања во врска со локалното складирање на посебни чувствителни податоци, барања за усогласување со локално применливите стандарди за безбедноста на производите, итн…

Во случај на нацрт-предлозите на Македонија, природата на ризикот за националната безбедност не е дефинирана. Повикувањето на „ризикот од вклучување трета земја во синџирот на снабдување“ е исто така исклучително широко и донекаде несоодветно во светло на меѓународните синџири за снабдување за сите провајдери и производители на телекомуникациска мрежна опрема низ целиот свет. Меѓутоа, кога ризикот не е правилно дефиниран или само се споменува со генерички термини, мерката не може да биде соодветна за заштита од таков ризик.

Критериумите за оценување се исто така поставени многу неодредено. Не е јасно што претставува „надзор“ од странска влада и кои информации за „основачите и деловните партнери“ би требало да бидат јавни, бидејќи одредени информации ќе мора да останат чувствителни деловни информации кои не можат да бидат откриени на пошироката јавност, а уште повеќе на самите конкуренти.

Во секој случај, новите предлози имаат преширока примена: не се ограничени на 5G мрежите, туку опфаќаат долга листа на делови од сите (вклучувајќи ги и постојните) телекомуникациски мрежи и затоа имаат фактички ретроактивен ефект. Се чини дека не е обезбеден преоден рок и не се нуди процес во текот на кој на снабдувачот му се нуди да ги отстрани можните технички недостатоци. Всушност, постапката и зачестеноста на проценката на ризикот се целосно нејасни.

Претходна статијаHUAWEI nova 9 пристигнува на македонскиот пазар со кампања за претходна нарачка во комплет со Huawei FreeBuds 4
Следна статијаМакедонски импакт стартапи презентираа решенија во рамки на глобалната програма за претприемништво Accelerate2030