Повеќе од 120 професионалци изминатата сабота беа дел од PM2, динамична и визионерска конференција во ко-организација на Women in Tech Macedonia и ProdACT, на којашто се разговараше за иновации во продукт менаџментот, примена на agile пристапи, управување со промени, интеграција на вештачка интелигенција и човечкиот фактор во дигиталната трансформација.
Настанот започна со топло добредојде од страна на организаторите и модераторот Дукица Павловиќ со енергија која го постави тонот за ден исполнет со споделување искуства, длабоки разговори и поврзување во заедницата. Клучните говорници на самата конференција беа Игор Китановски, Олгица Стрезоска, Деспина Жупан Лазарески, Бојан Вељановски, Силвија Гелевска и Ирена Павловска Кривошеева. Секој од нив со повеќе од децениско искуство во проектен и продуктен менаџмент ги споделија своите искуства, различни пристапи и рамки за работа и неопходни промени во размислувањето за успешно водење на проекти во сложени опкружувања.
Промената започнува со јасна комуникација
Низ својата презентација Игор Китановски, лидер со повеќе од 20 години искуство сподели практични примери од својата кариера, соочување со предизвици и пристапи за решавање на истите. Игор посочи дека најголемиот предизвик при неусогласување на техничка и продуктна стратегија е застареното управување со промени и комуникацијата. Без разлика на кој пристап или модел на работа тој посочи дека промената започнува кога се ресетираат очекувањата и се воспоставува функционална комуникација. „Change management мора да се развива заедно со продукт стратегијата – во спротивно, ризикуваме неуспех и покрај силните тимови и добрите намери.“
Како да се движиме низ комплексноста со вистински алатки и mindset
Деспина Жупан Лазарески ја презентираше концепцијата на т.н. „Троен предизвик“: AI, agile и усогласеност со регулативи. Таа го претстави својот специјализиран canvas-модел којшто им помага на организациите да ги усогласат овие три клучни компоненти. Нагласи дека иновацијата и законската рамка може да коегзистираат, доколку се водени од јасна стратегија и одговорен пристап.
Силвија Гелевска пак, стави акцент на методолошкиот пристап, mindset-от и двонасочната комуникацијакако основа за успех. Преку различни матрици и пристапи на менаџмент Силвија демонстрираше како може да се поедностави одлучувањето и да се избере најсоодветната рамка за различни ситуации, различни потреби, околини и индустрии.
Експериментирање, емпатија и адаптација
Од друга перспектива, Бојан Вељановски зборуваше за технички претпоставки, намалување на ризик и структуриран експериментирачки пристап, како и за тоа како да се препознаат и отстранат блокаторите за иновации. Јасно ја истакна потребата за фокус на приоритети, како и стратегија за тимска адаптација.
Од друга страна, Олгица Стрезоска понуди уникатен агол – човечката важност во продукт менаџментот. Со помош на различни AI латки таа ја нагласи потребата од длабоко разбирање на чувствата и потребите на корисниците, во фазата на продукт discovery и развој. Воедно ја покрена дебатата дека AI е тука да не поддржи во секој процес, да не инспирира, даде идеја или насочи но дека секогаш потребна е човечката емоционална интелигенција да креира продукт што луѓето вистинки ќе го сакаат и користат.
Агилноста е начин на размислување, не само методологија
Ирена Павловска Кривошева ја заокружи серијата предавања со инспиративен говор за менталната и организациската агилност. Преку моделот Pyramid of Change, таа објасни како трансформацијата започнува на индивидуално ниво и се шири кон целата организација. Таа го нагласи значењето на AI во трансформацијата, но и дека луѓето и нивниот mindset се клучниот фактор за успех.
Заедница која расте заедно
Конференцијата заврши со панел-дискусија, каде Неда Калешовска, Александра Геличевска и Даниел Ѓуревски одговорија на прашања од модераторот Дукица Павловиќ и публиката и споделија практични совети за примена на наученото во реални ситуации. Се дикустираа теми поврзани со усогласување на тимови, користење на AI во истражување и дефинирање на продукт и проектни стратегии, како и балансирање помеѓу структура и флексибилност.
Настанот беше поддржан од партнери и спонзори кои веруваат во создавање средина каде што иновативноста, инклузивноста и квалитетот одат рака под рака. Огромна благодарност до спонзорите Valtech, CrazyLabs, iOLite Hub, Халк Банка и Three dots за довербата и поддршката за реализација на оваа конференција. Секако и до нашите поддржувачи: Ладна, Винчини, RedBull, ChiaDia, CodeVix, Coach foods и Soko.
За организаторите
Women in Tech Macedonia е заедница посветена на охрабрување и поддршка на жени во технологијата преку настани, менторство и едукација. ProdACT е заедница изградена од професионалци кои имаат пасија за развој на продукти.
Оваа конференција беше важен чекор кон посилна соработка меѓу технолошки експерти, продукт професионалци и организациски лидери од Македонија. Со полни сесии, ангажирана публика и конкретни сознанија, настанот ја потврди пораката: вистинската трансформација започнува таму каде што стратегијата, емпатијата и посветената работа се среќаваат.
Следете не на нашиот вебсајт за следни новости.