Вчера, 17 јуни, во просториите на Инокс центарот за иновации во Скопје, Бизнис акцелераторот УКИМ (БАУ), кој во 2023 год. стана Хаб на Европскиот институт за иновации и технологии (ЕИТ), во соработка со The Learning Curve, организираа настан на тема “КАКО СТАРТАПИТЕ ДА ОБЕЗБЕДАТ ПАМЕТНО ФИНАНСИРАЊЕ ВО 2025”.

На настанот присуствуваа иноватори, инвеститори и лидери од стартап екосистемот, кои ги споделија своите искуства и дискутираа за актуелните трендови и стратегии за финансирање во претстојната година.

Присутните имаа можност да слушнат експерти и успешни претприемачи кои го споделија своето искуство и екпертиза за како да се пробијат бариерите за финансирање, со посебен осврт дека финансирањето не се однесува само на venture капитал фондовите, за трендовите кои ќе го обликуваат стартап екосистемот во 2025 година како и за практични стратегии за обезбедување инвестиции. Четворицата говорници со докажано искуство, инвеститори со портфолио вредно над една милијарда долари ги споделија своите сознанија, а настанот беше и можнсот за вмрежување со врвни претприемачи и инвеститори од екосистемот со можност за нови партнерства и соработки.

Џонатан Кварлес, претприемач со над 20 години искуство, основач на The BTL Group и Quartz Water Source, компании со создадена вредност над 500 милиони долари ги сподели своите искуства за градење профитабилен бизнис кој создава значајно социјално влијание.  

Весна Кузмановиќ, пионер во design thinking и развој на нови производи, основачка на IMPALA платформата, револуционерно behavioral AI-based решение на глобалниот пазар, го објасни процесот на истражување за полесен развој на производ, како и патеката за добивање инвестиции и влез на меѓународниот пазар.

Франка Граждани, дигитална иноваторка и ко-основач на ETH Macedonia, основач на стартапот Proximity Protocol и актуелна извршна директорка во компанијата 223. зборуваше за дигитализација на физички производи, блокчеин технологијата, Web3 и успешни практики за стартапи.

Александар Стамболиев, претприемач со повеќе од 26 години искуство во управување и образование, извршен директор и ко-основач на Бизнис Акцелераторот УКИМ и национален координатор на Европскиот Институт за иновации и технологии (ЕИТ) ја презентираше улогата на ЕИТ Хабот во Македонија и актуелните повици за финансиска поддршка за сите заинтересирани стартапи, компании како и претставници на академската заедница.

Настанот беше модериран од страна на Елена Костоска, основач на The Learning Curve.

Претходна статијаПрвиот телефон од Nothing од највисоката класа ќе работи на Snapdragon 8s Gen 4