Во организација на Младинскиот културен центар и со поддршка на Град Скопје, повторно се одржува третото издание на групната изложба која претходно стана култен белег на современата уметничка сцена, -учествуваат:
- Факултетот за дизајн и мултимедија при Американскиот универзитет на Европа
- Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет – Скопје
- Факултетот за уметност и дизајнпри Интернационалниот Балкански универзитет – Скопје
- Универзитетот Мајка Тереза
- Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип
- Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот во Тетово
Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје не учествува, …(оваа апстиненција „може да се претстави“ како институциски акт во форма на „современ перформанс – гест“ со одредена содржина која сака да се пренесе на организаторот)
– Впрочем и затоа на плакатот за настанот е: тројството – институција, професори и студенти.
Во жешките јунски вечери, оваа изложба е навистина освежување и ретка можност за сите љубители на уметноста и следбеници на актуелната ликовна сцена во Македонија – настан што не смее да се пропушти.
Г.Ѓ.
ЕХО НА МИНАТОТО – ОДЕК НА ИДНИНАТА
Изложбата „Професори – студенти“, која оваа година по трет пат се одржува во просториите на Младинскиот културен центар во Скопје, претставува значаен уметнички и образовен настан што ја презентира и разгледува врската меѓу менторите и младите уметници. Со заедничко изложување на дела на професорите и нивните студенти, во изложбената галерија на МКЦ, се создава простор за дијалог во кој се испреплетуваат искуството и иновацијата, традицијата и современите уметнички тенденции, методологијата и слободата на изразување.
И ова издание на изложбата „Професори – студенти“ обединува веќе признати уметници, како и нови, идни таленти. Учесници на изложбата се повеќе од 50 професори и студенти од осум важни високообразовни институции во Македонија.
Учесниците се претставени со дела изработени во различни уметнички техники, вклучувајќи сликарство – масло и акрилик, цртеж, скулптура, дигитални медиуми, моден и внатрешен дизајн, фотографија и инсталација. Ова обединување на различните уметнички дисциплини ја рефлектира богатата и разновидна сцена на современата македонска уметност. Дополнително, тоа и е јасен показател за мултидисциплинарниот карактер на современото уметничко образување во Македонија, кое ги охрабрува студентите да се вклучат во уметничкиот дискурс со различните традиционални и современи уметнички форми и медиуми.
Проф. Кирил Пенушлиски
Скопје, јуни 2025
—————————————————————————————————————————–
Групната изложба служи и како вежба на гледачите и љубителите на уметност, за да оформат цврсти ставови за сопствениот личен афинитет кон одредени стилови и видови уметност. Најважно од сé служи за архивирање и складирање на сите чекори кон постепено созревање на уметниците што користи за понатамошен развој и споредба со своите претходни и идни дела, како и со делата на останатите учесници. Со предноста која ја нудат технолошкиот развој и глобализацијата, потребна е постојана комуникација меѓу сите струки кои може да понудат развиток и размена на самата појдовна точка на секој креативен и уметнички зафат, а тоа е идејата. Особено, земајќи предвид дека нешто толку променливо, живо и динамично како уметноста, не се создава во вакуум, на далечина од остатокот од светот. Напротив таа и нејзиниот процес на креација е под постојано дејство и влијание од случувања, чувства, искуства, личности и се подразбира други уметнички дела присутни во животите на авторите. Во текот на историјата безброј пати се покажало ова заемно влијание меѓу ликовни уметници, па дури со вклучување на книжевници, режисери, фотографи, а поготово во изминативе децении мултимедијални уметници. Оваа групна изложба е почеток на односот меѓу нашите млади уметници, кој се развива во бурна дискусија за која не се ни потребни зборови, туку импресии и емоции. Карактеристиката по која се издвојува оваа годишна изложба е присуството на професорите кои се водечката сила и туркачот во пронаоѓање на сопствен стил, ракопис и место во испреплетената мрежа во светот на уметноста. Преку групирањето на творештвото и делата на менторот и ученикот, се согледува кои студенти пркоселе на стилот и принципите на професорот во кој не се пронашле себеси како творци, а кои студенти успеале да имплементираат елементи од тоа кое им служело за водич и пример во текот на учењето и образованието. Овие први чекори и отскоци се значајни за проследувањето кај секој уметник, бидејќи токму овој период во нивното творештво е најплоден и подложен на експериментирање, самопронаоѓање и градење на сопствен, автентичен индентитет и стил
Наде Циева
Скопје, јуни 2025