Скопје, 24 октомври 2025 – Под мотото „Вклучи одржливи навики“, денеска и официјално беше најавено новото издание на Меѓународниот саем од областа на енергетиката и технологијата – „Енерго-Технома 2025“, кој ќе се одржи од 27 до 30 октомври во арената „Борис Трајковски“.
Годинашниот саем ќе обедини повеќе од 40 реномирани изложувачи од земјата и регионот, како и над 20 стручни презентации и практични демонстрации. Главниот фокус ќе биде ставен на одржливите решенија, технолошките иновации и конкретните придобивки за секојдневието на граѓаните.
„Годинава ’Енерго-Технома 2025‘ ќе го надмине форматот на класичен саем, на едно место ќе сесоединат иновациите, науката, индустријата и јавноста. Саемот ќе понуди многу повеќе од изложбени штандови, ќе понуди идеи, партнерства и инспирација за иднината. Посебно сме горди што годинава ставаме акцент на одржливите решенија и вклучувањето на младите иноватори во целата манифестација“, изјави Даниела Глигоровска, извршен директор на „Скопски саем“, на денешната средба со новинарите.
Саемската манифестација ќе се одвива на изложбена површина од 2.500 м2 и е организирана под покровителство на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Изложувачите ќе презентираат производи и технологии од различни индустриски сектори, вклучувајќи енергетски постројки и опрема, системи за греење и ладење, соларна енергија, хибридни технологии, трансформаторски и климатизациски решенија, како и иновации од областа на роботиката и интелигентните системи.

Изложувачите на саемот се компании кои ги следат иновативните трендови во енергетиката и технологијата, а саемот претставува одлична можност за промоција на најновите енергетски ефикасни производи, како и за остварување контакти и добивање директен фидбек од посетителите.
Организаторите најавија дека посебен сегмент на саемот ќе биде посветен на младите иноватори од техничките факултети, кои ќе имаат можност да се претстават со сопствени иновативни решенија, да воспостават контакти со водечки компании и потенцијално да обезбедат практикантства или вработувања. Преку практични демонстрации и презентации, „Енерго-Технома 2025“ ќе создаде мост помеѓу академијата и индустријата, дополнително поттикнувајќи го младинскиот иновативен дух.
За време на саемот ќе се реализира и богата програма којашто вклучува компаниски презентации, програмски содржини од областа на циркуларната економија и креативните индустрии, годишна конференција на МАМЕИ (Македонска асоцијација на метална индустрија) и панел-дискусија „Енергетска ефикасност – најбрзиот пат до пониски трошоци“, којашто програма ќе предизвика интерес кај јавноста.
Првиот ден од саемот, понеделник, 27 октомври, ќе биде отворен за посетители од 13 до 18 часот. Во вторник и среда саемот ќе работи од 10 до 18 часот, додека последниот ден, четврток, 30 октомври, ќе биде отворен до 17 часот.

















