Со едниот предлог ќе се бара Градот конечно да почне со активноста компостирање на биоотпад која со години се провлекува во Програмите за управување со отпад на Скопје. Предлогот кој доби 457 гласови и беше еден од најгласаните три на платофрмата „МојГрад“ меѓу две седници на Советот на Град Скопје опфаќа поставување на градски компостари на територија на целиот град и на тој начин намалување на најмалку 60% од вкупниот комунален отпад (60% намалени трошоци за транспорт и депонирање), попразни контејнери, намалување на загадувањето на водата, воздухот, почвата и добивање на органско ѓубриво како продукт од процесот.

Вториот предлог се однесува на стопирање на процесот за отворање фабрика за преработка на отпад во Гази Баба. Тој доби 545 гласови на „МојГрад“ и Велковска ќе побара од Советот на Град Скопје да заземе став за усвојувањето на урбанистички проекти од страна на градоначалникот на Гази Баба со кои се предвидува зафаќање површина од близу 23 хектари за инсталирање постројка за третман на опасен отпад од Макстил АД Скопје. На јавната расправа која се одржа во општина Гази Баба во врска со потенцијалното отворање на фабриката, присутната јавност беше категорично против носење нова загадувачка и опасна индустрија во општината. Во предлогот на „МојГрад“ се бара земјиштето да се пренамени за спортски терени, паркови, рекреативни активности, зеленило, ботанички градини, забавен парк и слично.

Овој предлог беше дополнително доставен и до Општината Гази Баба (до градоначалникот и советниците) како директно надлежен орган и беше побарано од градоначалникот да го поништи одобрението за трите урбанистички проекти со кои ќе се овозможи фабрика за преработка на опасен отпад во Гази Баба.

Третиот убедливо најгласан предлог од стартувањето на платформата „МојГрад“ до денес со 4.699 гласови, беше предлогот за затворање на Зоолошката градина во Битола поради нехуманоста на условите во кои живеат животните таму и крајната несоодветност на вработениот кадар. Како решение беше понудено воспоставување Центар за рехабилитација и конзервација на диви автохтони видови во форма на природен резерват каде што животните би имале услови речиси идентични како да живеат во природа. Со реализација на предлогот би се воспоставил и центар за обучување кадри за третман на диви животни, што секако би привлекол и волонтери од земјава и од странство. Предлогот беше доставен до Општина Битола (до советниците и до градоначалничката).

Претходна статијаФИТР и УСАИД ја продолжуваат соработката за поддршка на стартап бизнисите и претприемништвото
Следна статијаSamsung и upday ја претставуваат возбудливата нова апликација за eспорт вести