Скопје, 17 јули 2025 – Семос Едукација и Институтот за сметководители и овластени сметководители на Македонија (ИСОС) потпишаа Меморандум за стратешка соработка со цел унапредување на дигиталната писменост и професионалните компетенции на сметководителите во земјава.
Со овој меморандум, двете институции се обврзуваат заеднички да работат на креирање и реализација на специјализирани едукативни програми и обуки насочени кон примена на најсовремени дигитални алатки, решенија од Microsoft 365 екосистемот, автоматизација на рутински процеси и напредни технологии како Power BI и вештачка интелигенција во финансиското и сметководственото работење.
„Сметководителите се клучни партнери за растот на компаниите кои ја движат економијата на една земја. Од друга страна, градењето стратешки партнерства е влијателен фактор за јакнење на економијата – и на локално и на регионално ниво. Колку повеќе се здружуваме во стратешки соработки, толку поголема вредност можеме заеднички да создадеме.
Затоа, ИСОС и Семос Едукација, потпишаа Меморандум за соработка преку која сакаме заедно да го подигнеме нивото на знаење и користење на дигиталните алатки што ќе овозможат заштеда на време, зголемена продуктивност и фокус на она што е највредно – да им се понудат стратешки совети на клиентите и да се унапреди нивниот бизнис. Растот на секоја сметководствена фирма значи и поголем капацитет за нови клиенти, поквалитетни услуги и повисока препознатливост на пазарот.“- изјави Валентина Тасева, Директорка и сопственичка на Семос Едукација.
Како дел од соработката ќе бидат организирани тематски воведни сесии, практични работилници и специјализирани курсеви по модулен принцип. Дополнително, членовите на ИСОС ќе добијат можност да ги користат овие едукативни програми под поволни услови, со специјални групни попусти и персонализирана консултантска поддршка за имплементација на наученото во секојдневната пракса.
„Во изминатиот период, ИСОС активно се залага за унапредување на квалитетот на сметководствените услуги и за континуирана едукација на сметководителите во различни области од практично значење. Свесни сме дека дигиталните алатки и нивната примена во секојдневната работа значително придонесуваат за зголемување на ефикасноста и квалитетот на сметководствените услуги. Затоа, оваа соработка со СЕМОС е од особено значење за Институтот и за нашите членови, кои ќе имаат можност да следат квалитетни обуки за практична примена на дигиталните алатки. Првиот вебинар од серијалот започнува на 22 јули, и убедени сме дека не очекува успешна и долгорочна соработка.“ – истакна Весна Прентоска, Претседател на ИСОС.
Меморандумот предвидува развој на долгорочни активности и услуги како: проценка на дигиталната подготвеност на сметководствените фирми, консултантска поддршка при избор и имплементација на Microsoft 365 алатки, обуки за користење на напредни функции во Excel, AI алатки и Power BI за финансиско и менаџерско известување. Сето тоа ќе им помогне на сметководителите да ја зголемат продуктивноста, прецизноста и квалитетот на услугите што им ги нудат на своите клиенти и да отидат чекор понапред во трансформацијата на финансиските и сметководствените услуги во Република Македонија.