Скопје, 28 јули 2025 – Децата и младите во Македонија, Србија и Босна и Херцеговина веќе ги чувствуваат придобивките од стратешкото партнерство што пред една година го започнаа Нелт Груп и УНИЦЕФ со цел образовните системи во регионот да станат поотпорни, поинклузивни и подобро подготвени да одговорат на барањата на современото општество и пазарот на труд.

Преку заедничка трогодишна иницијатива во вредност од 1,3 милиони американски долари, учениците од училишта со голема застапеност на ранливи групи добиваат можности да развиваат дигитални и зелени вештини, да учат преку STEM-проекти, и да ја изградат својата самодоверба, креативност и тимски дух. Во 2026 година, иницијативата ќе се прошири и на пазарот во Ангола, каде што Нелт Груп исто така работи.

Децата и младите мора да стекнат знаења и вештини што ќе им овозможат да се справат со предизвиците и да ги искористат можностите на иднината. Образованието денес мора да го следи развојот на науката, технологијата и економијата, за учениците да стекнат знаења засновани на нови научни откритија и современи технолошки достигнувања, како и вештини за нивна примена во секојдневниот живот. За успешно справување со барањата на современото време, клучно е стекнување вештини од 21 век, како што се критичко размислување, решавање проблеми, соработка и креативност.

Инвестирањето во практично учење и развој на зелени вештини ги оспособува учениците за иднината. Тоа ги подготвува за работни места во економијата што брзо се менува и во сè поголемиот зелен сектор и им помага да придонесат во создавањето поотпорни, поправедни и поиновативни општества,“ изјави претставничката на УНИЦЕФ Лесли Милер. „За УНИЦЕФ, ова партнерство овозможува да придонесеме кон националните напори за усогласување на образованието со променливите потреби на пазарот на труд и се надеваме дека и други компании ќе се инспирираат да го следат овој пример.“

Во Македонија, програмата „Оснажување на учениците преку практично учење и образование за животната средина и климатските промени “ го унапредува средното стручно образование преку интегрирање на зелени вештини. Досега се воспоставени 16 нови партнерства помеѓу училишта и научни/јавни институции за практична едукација за животната средина и климата. Обучени се 45 ментори, а до почетокот на следната учебна година се планира тој број да достигне 120. Во тек е ревизија на наставните програми за 10 клучни стручни предмети, со што секоја година ќе бидат опфатени повеќе од 3.000 ученици – значително надминувајќи ги првично планираните цели.

„Партнерството со УНИЦЕФ е за нас стратешки фокусирана заложба насочена кон заедницата. На ова гледаме како можност да придонесеме за развојот на образовниот систем и да обезбедиме квалитетно образование за секое дете. Инвестиција од 330.000 американски долари е определена за унапредување на вештините на учениците во стручните училишта преку практична обука и летни практикантства, со фокус на развој на зелени вештини. Сакаме учениците во средното стручно образование да стекнат знаења и вештини кои ќе им користат на многу начини низ нивниот професионален живот и ќе им помогнат да успеат на динамичниот и предизвикувачки пазар на трудот во 21 век,“ изјави Сашко Блажевски, извршен директор на Нелт СТ.

Во Србија, програмата „Поддршка за развој на вештини од 21 век“ ќе им помогне на 15.000 ученици од 30 основни училишта со голем број деца од ранливи групи да ги развијат вештините што им се потребни за живот и работа во современиот свет. Се развива нов концепт на училишни клубови во соработка со наставници, експерти и носители на одлуки. Училиштата добија STEM-комплети кои се користат во наставата и претставуваат вреден ресурс за истражувачки активности во рамки на училишните STEM клубови. Организирани се размени на идеи помеѓу наставници и директори, што се покажа како силен извор на учење и мотивација. Во подготовка е и поддршка за директорите на училиштата за развој на лидерски вештини преку менторски модел инспириран од бизнис-светот.

Во Босна и Херцеговина, програмата „TransformED“ работи на дигитална трансформација на образованието. Во првата година, 25 училишта учествуваа во иновативната иницијатива „Играње со е-отпад“, каде што старите електронски уреди се користат во STEM-настава. Обучени се 35 наставници и развиени се едукативни материјали кои ќе бидат достапни на мрежа од 100 училишта. Дел од овие материјали се вклучени и во иницијативата IT Girls. УНИЦЕФ и неговите партнери воспоставија и меѓусекторско тело за дигитална трансформација на образованието на национално ниво во Босна и Херцеговина.

Претходна статијаSamsung не се откажува од развојот на Exynos чипот кој можно е да стане доста подобар
Следна статијаEdufront го лансира првиот AI водич за избор на дигитална обука за деца – „Edufront Tutor“